МВР потврди: Во акцијата во Куманово, ликвидирани лидерите на терористичката група
Таканаречените команданти НАТО и Бегу- убиени во акцијата во Куманово. Полицијата во соработка со Интерпол продолжува со идентификацијата и на останатите...

Меѓу загинатите терористи се и командантите Нато и Бегу, двајцата странски државјани. Обдукцијата на телата што ја спроведеМВР преку Одделот за меѓународна полициска соработка го потврди идентитет на неколкумина од настраданите напаѓачи во Куманово.
„Станува збор на Мирсад Ндрецај роден на 17.06.1979 во Косово, познат како командант НАТО, лице за кое се сомневавме дека е еден од лидерите на терористичката група. Второто лице за кое е добиена потврда за идентитетот е Бег Ризај, познат како командант Бегу, роден на 25.12.1977 во Косово. Исто така, станува збор за еден од лидерите на оваа терористичка група“, изјави Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавноста во МВР.
Според Котевски, потврден е идентитетот и на Нусрет Каљоши, кој е македонски државјанин.Меѓу приведените, пак е Саши Укшини, алијас командант Соколи. За неговиот идентитет е добиена потврда од Интерпол. Од МВР информираа дека во тек е процедура на идентификување на преостанатите лица за кои постои сомнение дека не се македонски државјани.
Истрагата претходно покажа дека терористичката група што два дена беше стационирана во кумановската населба го извршила нападот и врз полициската станица во Гошинце. Ова го признале осомничените кои се предадоа по полициската акција.
Пред истражните органи го посочиле и местото каде што го скриле и складирале украденото оружје. 30 лица од терористичката група добија по 30-дневен притвор, осомничени се за загрозување на државниот поредок и уредувањето на Македонија.
Наташа Јанчиќ
