Во Институот за белодробни заболувања ќе се дијагностицира ноќна апнеа кај децата

14.05.2015 15:16

Апарати за дијагностика на ноќна апнеа и на кардиореспираторните нарушувања кај децата се донирани во Институтот за белодробни заболувања Козле. Ова е прва здравствена установа во земјава што ќе почне со дијагностицирање на ноќната апнеа, која е забележителна кај децата. Во овој институт за белодробни заболувања годишно се згрижуваат 39 илјади дечиња...

Три до пет проценти од децата во раната возраст имаат ноќна апнеа. Лекарите велат ова е загрижувачки податок, бидејќи нарушувањата на дишењето за време на спиењето може да доведат до сериозни компликации во интелектуалниот развој. Во земјава за првпат, во Институот за белодробни заболувања Козле ќе почне да се дијагностицира ноќната апнеа кај децата . Донирани се два апарати за дијагностика.

„Многу е широк распонот на причините за појава на слип апнеата во раното детство, сепак тоа на нашите стручни состаноци го разгледуваме, треба да се мисли,  да се бара и да се верифицира за да може да се помогне најрано да се отстрани“, изјави д-р Благица Манчева - педијатар во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.

Новата лабораторија за дијагностицирање на ноќната апнеа, ја доближува земјава до европските здравствени институции, вели директорот на Институтот, Зафировски.

„Навистина имаме кадар, недостасува опрема. Со сиве овие донации ќе имаме шанса да покажеме колку знаеме, колку умееме и дека сме на едно вистинско светско ниво“, изјави д-р Оливер Зафировски - директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.

Освен апарати за дијагностика на ноќна апнеа, на Институтот дониран е и апарат за кардиореспираторни нарушувања.

 

Андријана Атанасовска