ВМРО- ДПМНЕ побара оставка од Заев од сите политички функции
ВМРО-ДПМНЕ побара од надлежните судски и истражни органи да го испитаат случајот со наводите од видеото во кое се гледа како лидерот на СДСМ, Зоран Заев директно од еден струмички бизнисмен бара мито за купување на земјиште во износ од 100.000 евра за него...

„Заев е фатен жив и треба да понесе најпрво политичка одговорост и да се повлече од сите функции за да не влијае врз истрагата и сведоците“, вели Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДППМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ побара од надлежните судски и истражни органи да го испитаат случајот со наводите од видеото во кое се гледа како лидерот на СДСМ, Зоран Заев директно од еден струмички бизнисмен бара мито за купување на земјиште во износ од 100.000 евра за него.
„Бараме да си поднесе оставка од Претседател на СДСМ бидејќи од таа функција, очигледно, има можност да се заканува и да уценува сведоци, адвокати, обвинители и судии. Бараме да си поднесе оставка од функцијата Градоначалник на Струмица за да не крие документи и докази и да не може да влијае на истрагата и на судскиот процес особено имајќи ги во предвид сите аспекти од документационо и архивско работење на Општината“, изјави Тодоров.
Според ВМРО-ДПМНЕ станува збор за коруптивно однесување на Заев кој што во континуитет го практикува откако стапил на градоначалничката функција во Струмица.
„На видеото кое можевме да го видиме на YouTube, Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, бара 100.000 евра за него, преку брат му Вице Заев и 100 000 евра за “за црквата”, за што некој може да претпостави дека е и шифра која се користи за да се побараат пари за неговата партија СДСМ“, нагласи Тодоров.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев повеќе нема кредибилитет да ја води општината во моменти кога сите граѓани знаат дека нивниот градоначалник барал мито директно за себе, наместо да обезбеди повеќе пари за општината.
Игор Панов
