Лидерска средба: Партиските лидери со поддршка на демократските вредности

14.05.2015 17:58

Политичките лидери на четирите најголеми партии со заедничка изјава од денешната средба, што се одржува во Клубот на пратениците во Скопје...

„Во една тешка недела за државата, се сретнавме да дадеме заедничка поддршка на демократските вредности, вклучувајќи го и правото на мирен протест и на осуда на насилството без разлика дали е во криминални или политички цели. Исто така се согласивме да продолжиме со дијалогот за унапредување на евроатлантската агенда за доброто на граѓаните“, се наведува во заедничката изјава на политичките лидери од денешната средба, што се одржува во Клубот на пратениците во Скопје и која се уште трае.

На средбата присуствуваат лидерите на четирите најголеми партии Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА. Како набљудувачи, присуствуваат амбасадорот на САД Џес Бејли и шефот на мисијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.

Премиерот Груевски е придржуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски, Зоран Заев од Рената Дескоска Треневска, Али Ахмети од Артан Груби, а Мендух Тачи од Луан Треси.

Лидерската средба е на заедничка иницијатива на четирите најголеми парламентарни партии и со поддршка на меѓународната заедница, со цел да почне дијалог за решавање на политичката криза.