Случувањата во Македонија- закана за туризмот

15.05.2015 16:25

700 туристи го откажале патувањето во Македонија поради случувања во земјава. Агенцијата за туризам свика вонредна седница. Планираат да направат кампања под мотото „Безбедна Македонија“. во дел од туристички агенции засега не се прават нови резервации, но сепак нема откажувања на аранжманите.

Околу 700 туристи го откажале патувањето во Македонија поради случувања во земјава – информираат од Агенцијата за туризам. Освен Србите, Бугарите, и Холанѓаните, Италијанците и Французите од нивните министерства за надворешни се предупредени да бидат внимателни кога доаѓаат во Македонија.

Најмногу откажувања на договорени услуги имало од гости кои земјата ја посетуваат во рамки на таканаречените Балкански тури. Туристичките работници стравуваат да не ги изгубат и редовните гости.

„Се работи за некои резервации за Бенелукс државите. Стравуваме да не дојде до прекин на тие договори бидејќи тие имаат чартер летови кои летаат од мај до средина на октомври“, изјави Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Агенцијата за туризам свика вонредна седница. Планираат да направат кампања во соседството под мотото „безбедна Македонија“. Од туристичкиот сектор бараат поголема ангажираност на МНР.

„Безбедноста е добра во Република Македонија, што значи дека нема ниту една причина да се крева паника засега и не би требало да се предимензионира самата ситуација“, соопшти Кристијан Џамбазовски, директор на Агнција за промоција и поддршка на туризмот на Македонија.

„Ние единствено сме загрижени за туристичката сезона и за вработените во туризмот којшто во Македонија во моментот се повеќе од 30 илјади“, додаде Стефан Керазовски, претседател на Совет на Агенција за промоција и поддршка на туризмот на Македонија. 

Во дел од туристички агенции засега не се прават нови резервации, но сепак нема откажувања на аранжманите.

„Се тече по планираното, со тоа што секојдневно добиваме повици од партнерите и тур операторите за тоа што се случува во земјата“, вели Аркан Керим, сопстевник на туристичка агнеција.

Од туристичкиот сектор апелираат најавените протести во Македонија да бидат мирни, бидејќи туризмот е исклучително чувствителен на случувањата во општеството. Постои опасност туристите да се пренасочат на други дестинации.

 

Наташа Јанчиќ