Во Куманово мирно, превентивно зголемено полициско присуство!

15.05.2015 17:02

Улиците во Куманово на кои се наоѓаат виталните институции од ноќеска се под полициска блокада. Официјално - просторот се обезбедува од превентивни причини. Каква е атмосферата во градот, пренесува екипата на МТВ...

Мирно, но раздвижено беше денеска во Куманово. Единствено поразлично од вчера е полициската блокада на главната улица „11 Октомври“  каде што се сместени поголем број институции. Официјалниот став на полицијата е дека блокадата е поради безбедносни причини.

Кумановци ги завршуваа своите обврски. И покрај полициската блокада на улицата „11 Октомври“ во центарот на градот, институциите непрекинато работат. Токму пазарниот ден Куманово го прави пожив од другите денови. Граѓаните и покрај зголеменото полициско присуство велат дека се чуствуваат безбедни.

„Добро е, не чувствуваме некоја опасност, па сега ќе видиме... Мирно е... Што е како е не знаеме... Се чувствуваме безбедни еве видете, не чуваат, се е како претходно, но нормално- психата си работи“, велат граѓаните кои ги анкетриавме.

Градоначалникот Зоран Дамјановски по состанокот со полициските началници и директорите на основните училишта изјави дека нема многу информации. Но, апелираше граѓаните да останат смирени.

„Првично тоа е од безбедносни причини на институциите“, потврди градоначалникот Зоран Дамјановски.

Раздвижено е и во населбата „Тоде Мендол“ каде полицијата минатиот викенд ја неутрализираше терористичката група. Граѓаните околу своите куќи, ЕВН е на терен да се нормализира снабдувањето со струја и во последните оштетени куќи. Се дели хуманитарна помош.

„Само се чудиме и гледаме што ќе биде... Моментално се снаоѓаме како што можеме, благодарение на народот што ни дава основни намирници, благодарност и до ЕВН, веднаш дојдоа и сруја ни пуштија, исто така и вода добивме од Куманово, само доаѓаме тука отвораме, а луѓето доаѓаат како во музеј... Имаме разноврсни производи, доаѓаат и од невладини организации со помош“, велат жителите на оваа населба.

Состојбата останува иста. Во Куманово е мирно. Полицијата обезбедува институциите на улицата „11 Октомври“. Освен многу шпекулации, ништо не укажува дека безбедносно состојабата е сериозна.

 

Миле А. Ристески