Струмица: Барања за седница на Советот за случајот „Поткуп“

15.05.2015 17:08

Струмичките советници од ВМРО - ДПМНЕ и денеска побараа градоначалникот да свика седница на општинскиот совет за да разговараат за актуелните случувања. Велат - ако не го стори тоа, докажува дека е виновен и треба да си поднесе оставка. Претходно, претседателот на Советот го одби барањето за вонредна седница со објаснување дека не е уредно...

Советниците на ВМРО ДПМНЕ бараат лично Заев да свикa седница на Соевтот, на која, според нив треба да одговори на прашањата поврзани со последните политички случувања. Доколку не ја свика седницата, за советниците од ВМРО ДПМНЕ тоа е доказ, како што наведуваат, дека е директно одговoрен и виновен и треба да си поднесе оставка.

„Го повикуваме Заев да свика седница на Советот на Општина Струмица и лично да им објасни на сите граѓани како се прават зделките во четири очи, како се плаќа една парцела државно земјиште на повеќе места и уште многу други прашања кои се од јавен интерес. Доколку Заев не собере храброст и не се појави лично да одговори на прашања на кои тој е најповикан да даде одговор, јавноста ќе се увери дека Заев е директно одговорен и виновен и како последица ќе мора да си поднесе оставка“, рече Душан Спасов, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Претходно претседателот на Советот не го прифати барањето на советниците од ВМРО ДПМНЕ за свикување вонредна седница. Рече дека не постоеле законски и статутарни услови за тоа.

„Во барањето не е содржано што се бара, не е доставен материјал и редложена точка на дневен ред, сметам дека нема законски и статуртарни одредби за свикување вонредна седница“, вели Јосиф Христов- претседател на Советот на Општина Струмица.

Вчера дел од струмичани со мирен протест низ градот побараа оставка од Заев.

„Незадовоство, гледаме сега снимки, изгледа се вистински. Човекот толку штета направи на Македонија да елаборирам ми треба саат време“, велат граѓаните.

Од ГРОМ и денеска побараа неотповиклива оставка од градоначалникот Зоран Заев. Велат дека со видео снимката на јутјуб, се гледа, според нив, рекетарската шема и начинот на владеење на Заев.

„Последното видео го откри двојниот морал, лицето и наличјето на Заев за кој ние одамна знаеме“, вели Сашо Милковски- ОО ГРОМ Струмица.

Од Општина Струмица информираа дека градоначалникот Зоран Заев до Основниот суд во Струмица ќе поднесе тужба за изречени клевети и невистини против претседателот на ГРОМ Струмица, Милковски.

https://ssl.gstatic.com/ui/v1/icons/mail/images/cleardot.gif

Катерина Давчева