Расте поддршката за утрешниот собир
„Да им кажеме стоп на црните сценарија - да ги подржиме проектите за стабилна, безбедна и просперитетна Македонија“ - повик од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, претставници на етничките заедници, за утрешниот граѓански собир. Велат дека граѓаните ќе покажат оти приоритет им е економски силна и европска Македонија...

Расте поддршката за утрешниот митинг. Помалите политички партии се обединуваат околу идејата на владејачката коалиција преку голем сенароден собир да се даде поддршка на безбедносните сили како и на проектите кои значат изградба на капитални објекти и отворање на нови работни места. Откако партијата на Амди Бајрам вчера го повика членството преку масовното присуство да ја поддржи иницијативата, со ист апел денеска се одѕваа и Демократските сили на ромите.
За да не се остварат црните сценарија за дестабилизација, Демократската партија на турците побара од своите симпатизери да го поддржат проектот за стабилна, безбедна и просперитетна Македонија.
„Македонија e соочена со големи предизвици кои се производ на сценаријата чија цел е дестабилизација од поголеми размери и предизвикување на меѓуетнички конфликт. Со цел да кажеме стоп на ваквите сценарија и да го подржиме проектот за стабилна, безбедна и просперитетна Македонија ве повикуваме да присуствувате на големиот народен собир кој ќе се одржи во понеделник во Скопје“ – се вели во партиското соопштение.
На иста линија се и од Партијата на власите.
„Со вашето присуство уште еднаш ќе ја потврдите почитта кон бранителите и силата на македонскиот народ и резултатите постигнати на Владата за подобра, просперитетна, стабилна европска Македонија“ - велат од партијата на Власите.
На мирен собир утре ќе излезе и членството на Социјалдемократската Унија.
„Во овие историски моменти, сите без разлика на политичка, етничка, верска или национална припадност, да се обединиме и да дадеме поддршка на стабилна Македонија“ – пишува во соопштението.
Поддршка на утрешниот собир вчера дадоа и бранителите од Бедем, како и повеќе партиски ограноци на ВМРО-ДПМНЕ од помалите градиви.
Анита Димитријевска
