Вељаноски: Долгогодишниот статус-кво во евроатланските интеграции создава простор за дестабилизација
Вељаноски во своето обраќање на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, говорејќи, меѓу другото и за актуелната состојба во државата, истакна дека демократските институции ќе се справат со сите тешкотии...

Дологодишниот статус-кво создава простор за најразлични обиди за дестабилизација и затоа е потребно итно да се изнајдат начини да и се овозможи напредок на Македонија во евроатлантските интеграции. Сега повеќе од било кога е особено важно да се врати чувството на сигурност и на безбедност на граѓаните- ова го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, на пролетната сесија на парламентарното собрание на НАТО во Будимпешта.
Вељаноски во своето обраќање на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, говорејќи, меѓу другото и за актуелната состојба во државата, истакна дека демократските институции ќе се справат со сите тешкотии, а Македонија од таквата состојба ќе излезе уште посилна и подостоинствена, гордо чекорејќи напред и напредувајќи.
Република Македонија своето членство во НАТО и во ЕУ го смета како трајна обврска, за што во државата постои широк и сеопфатен политички и општествен консензус, а желбата се раѓа токму од нашите заеднички вредности, подвлече Вељаноски. Тој рече дека Македонија останува силно посветена на својот дводецениски евро-атлански курс, постојано поддржувајќи ги мисиите на Алијансата и посветено исполнувајќи ги сите критериуми за полноправно членство.
Република Македонија непрекинато докажува дека го заслужува своето место меѓу еднаквите, нагласи Вељаноски во денешното негово обраќање на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Будимпешта, Унгарија.
Вељаноски потенцира дека Република Македонија гледа на НАТО како на еден од клучните столбови на модерната европска безбедносна архитектура, своето членство во Алијансата го смета како трајна обврска, за што во државата постои широк и сеопфатен политички и општествен консензус.
Претседателот на Собранието во обраќањето потсети дека уште од 1999 година, Македонија е кандидат за полноправно членство на Алијансата.
Долги години стрпливо чекаме да ни бидат отворени вратите на Алијансата. Веќе трета декада придонесуваме во остварувањето на целите на НАТО како да сме членови, иако тоа не сме, нагласи Вељаноски во обраќањето.
Во контекст на безбедноста во овој дел од стариот континент, оцени дека токму интеграцијата на сите земји од регионот во евроатлантската заедница и силната регионална и билатерална соработка се најдобрите механизми за одговор на заедничките предизвици.
