Ивановски: Од 30-ти јуни драстично пониски цени во роаминг
Според потпишаната Спогодба помеѓу четирите држави, македонските државјани од 30 јуни при патување во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора за минута разговор во роаминг ќе плаќаат 17,9 денари...

Македонија и соседните држави успеаја многу побргу од Европската унија да се усогласат за роаминг тарифата. Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина воспоставија свој регулаторен пазар и од 30-ти следниот месец меѓусебно да комуницираат по драстично намалени цени во роаминг, оцени денеска министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
„Ние заедно со нашите соседи одговоривме на тоа што го прави ЕУ, кај нив се уште не е усогласено кога ќе биде роаминг тарифата за 28-те држави членки на ЕУ, а ние успеавме да направиме наш регулаторен пазар заедно со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кај што почнувајќи од 30 јуни граѓаните на Македонија ќе плаќаат драстично пониска цена за роаминг услуги кога ќе патуваат во овие земји“, изјави Ивановски.
Според потпишаната Спогодба помеѓу четирите држави, македонските државјани од 30 јуни при патување во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора за минута разговор во роаминг ќе плаќаат 17,9 денари. Поевтинувањето на разговорите е за 73 проценти, додека цената на мобилниот интерент во роаминг ќе се намали за речиси 90 проценти, а еден мегабајт ќе чини 43 денари. Се намалува и цената на СМС пораките кон овие земји од 12,3 денари на 5, 6 денари за порака.
Агенцијата за електронски комуникации два дена е домаќин на регионална конференција на која ќе пристсуваат претставници од 11 земји. Ќе дебатираат за подобрување на интернет комуникацијата, за регулацијата на електронските комуникации, регулаторните мерки и помош за поттик на развојот на нови технологии, како и новите услуги за сите корисници.
