Со обука и преквалификација до стручен кадар

18.05.2015 15:25

На компаниите им е потребен квалификуван кадар. Потребна е преквалификација за да се намали невработеноста, велат бизнисмените. Во тек е обука на околу 500 луѓе. Фирмите што работат во Македонија, почнаа да инвестираат и во средното техничко образование...

На македонското стопанство му е потребен квалификуван кадар. Компаниите имаат најголема потреба од машинобравари, ракувачи со дигалки, водоводџии, готвачи, заварувачи, кранисти. Затоа и платите за овие дефицитарни струки се движат од 500 до 1.500 евра. Преквалификацијата и доквалификацијата се клучни за намалување на невработеноста, велат од Стопанската комора. Изминативе две години околу 33 проценти од оние кои ги посетувале обуките во бизнис- тренинг центарот нашле вработување.

„Постои голем дел неквалификувани кадри особено со средно стрчно образование на кои отпаѓаат 85 проценти од вкупната невреботеност. Останатите 15 отсто се лица со високо образование, магистри и доктори на науки“, изјави Анета Трајковска, директор на Дирекцијата на други форми на организирање при Стопанската комора.

И според директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, голем дел од расположливите струки не соодветствуваат на потребите на пазарот на трудот.

„Овие професии кои налик се ’валкани’ професии, се професии со кои нема да бидеш невработен, затоа што секогаш ќе има работа за занаетчиите, за техночките кадри, нормално имаме потреба и од општествените, но потребата од техничките е некаде над 70 проценти од сите објавени огласи“, вели Влатко Поповски, директор на АВРМ.

Во тек е програмата и на Агенцијата за вработување за бесплатна обука на околу 500 луѓе, а до крајот на месецов треба да излезе и вториот повик за преквалификација и доквалификација на невработените. Според Поповски, во недостиг на стручен кадар и дел од компаниите кои што влегоа во Македонија почнаа да инвестираат во средното техничко образование.

 

Сунчица Николоска