Напредок во евроатлантските интеграции за поголема сигурност и безбедност
Исклучително е важно да се врати чувството на сигурност и на безбедност кај граѓаните, а тоа ќе се постигне преку напредок во евроатлантските интеграции. Претседателот на Собранието Велјаноски во обраќање на Парламентарното собрание на НАТО во Будимпешта. Тој изразува уверување дека националните институции успешно ќе се справат со актуалната состојба во земјава...

Долгогодишниот статус-кво создава простор за најразлични облици за дестабилизација и затоа е потребно итно да се изнајдат начини да и се овозможи напредок на Македонија во евроатлантските интеграции. Ова го порача претседателот на собранието, Трајко Вељаноски на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Будимпешта. Според него, ова е исклучително важно за да се врати чувството на сигурност и на безбедност кај граѓаните.
„Република Македонија пред една недела се соочи и успешно надмина еден од поголемите безбедносни предизвици. Бевме сведоци на професионално изведена полициска акција која разби терористичка група од повеќе од 40 луѓе, организирани да и’ нанесат штета на Македонија, но и на регионот. Сега повеќе од било кога е важно да се засили обединетоста на внатрешен план, но и регионалната и меѓународната соработка“, рече во својот говор, претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски.
За актуелната состојба во државата, првиот парламентарец рече дека демократските институции ќе се справат со сите тешкотии, а нашата земја од оваа состојба ќе излезе посилна и подостоинствена. Вељаноски потврди дека членството во НАТО и ЕУ нашата земја го смета како трајна обврска за што во државата постои широк политички и општествен консензус.
„Република Македонија останува силно посветена на својот дводецениски евро-атлански курс, постојано подржувајќи ги мисиите на Алијансата и посветено исполнувајќи ги сите критериуми за членство во неа. Со натамошно проширување на својот принцип на солидарноста кон државите кои чекаат пред нејзините порти ќе се прати јасна порака дека овој сојуз е сеуште ревносно посветен да ги брани и да ги одбрани слободата и демократијата“, нагласи Вељаноски.
Вељаноски зборуваше и за спорот за името, повторувајќи ја позицијата на нашата земја дека ставот е јасен - нема промена на Уставот со цел промена на уставното име и нема да се прифатат предлози и идеи кои го загрозуваат националниот идентитет, јазик и култура.
Анита Димитријевска
