Долга политичка криза може да удри врз економијата

18.05.2015 16:38

Централната банка ги следи случувањата во економијата. Богов вели дека доколку е потребно ќе се преземат мерки за задржување на ценовната стабилност и стабилноста на банкарскиот сектор...

Пролонгирањето на политичката криза може да доведе до намалување на проектираниот економски раст годинава- вели гувернерот на Народната банка. Централната банка ги следи случувањата во економијата. Богов вели дека доколку е потребно ќе се преземат мерки за задржување на ценовната стабилност и стабилноста на банкарскиот сектор.

„Народната банка ќе го направи она што мора да го направи за да ги оствари своите основни цели кои со закон и се дадени. Ние гарантираме дека ценовната стабилност ќе биде задржана, курсот на денарот во однос на еврото ќе биде задржан и ние ќе направиме се што е во наша моќ за да биде задржана стабилноста на банкарскиот сектор“, рече Богов.

 Последиците можат да бидат големи, а НБРМ првичните податоци ќе ги има во јуни или јули. Меѓу можните последици би биле и намалување на инвестициите, потрошувачката, како и раст на лошите кредити.

„Ќе немаме простор да поддржуваме. Народната банка нема да биде во функција на економските политики и тоа ќе биде една загуба, ќе недостасува тој дел кај економскиот раст“, нагласи гувернерот Богов .

Народната Банка пред речиси десетина дена, ги потврди проекциите за  раст од 4,1 годинава и 4,5 проценти во 2016-тата година кога во предвид ги зеде реализацијата на јавните инфраструктурни проекти, забрзано кредитирање, намалување на трговскиот дефицит преку поголем раст на извозот, ниската инфлација и стабилното ниво на девизни резерви.

 

Дијана Ценевска