Груевски и Заев на средба во Стразбур

19.05.2015 08:55

Како што се очекува, ќе разговараат за излез од актуелната политичка криза во земјата...

Премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска во Стразбур ќе разговараат со пратеници во Европскиот Парламент, како и со претставници на Европската Комисија. Најавено е тие да имаат средба и со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.

Претходно шефовите на дипломатиите на Европската Унија се осврнаа врз ситуацијата во Македонија по што портпаролот на Европската Комисија, Маја Коцијанчич изјави дека Унијата внимателно ги следи настаните во Македонија и ги охрабрува лидерите да го продолжат дијалогот.

Средбата доаѓа по вчерашната лидерска средба којашто заврши без договор меѓу 4-те најголеми партии во земјава, на којашто присуствуваа амбасадорите на САД и на Европската Унија.

Разговорите продолжуваат идниот вторник. На маса не бил ставен никаков предлог, туку само се разгледувале модалитетите за меѓусебна рамноправност и принципиелност, со вклученост на меѓународниот фактор.

Заев тврдеше дека на лидерската не побарал формирање преодна влада, која ја смета како широк термин со повеќе алтернативи, но барањето останува.