РСБСП со апел до матурантите да не возат на матурската вечер
Полициските патроли ќе бидат присутни насекаде кај што се одржуваат матурски прослави, и ќе ги контролираат сите учесници во сообраќајот...

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до сите матуранти да не управуваат со возила на матурската вечер. Доколку сепак го сторат тоа, ризикот за нивното здравје и живот е огромен, а со оглед дека ќе го прекршат законот, во најдобар случај ќе бидат казнети од страна на сообраќајната полиција.
Апелираме, на матурските прослави, да покажете дека веќе сте возрасни и да се однесувате свесно и одговорно во сообраќајаот, за да не се случи прославата да се претвори во семејна трагедија. Постојат многу начини како да стигнете на местото на прославата и да заминете од неа: можат да ве однесат родителите, да се возите со такси или со јавен превоз. Но, возењето автомобил во таа пригода не спаѓа во разумни одлуки, и затоа ве молиме да не го загрозувате својот живот и животот на останатите учесници во сообраќајот, соопштуваат од РСБСП.
Од Републичкиот совет се обраќаат и до родителите, да не дозволат нивниот матурант да вози на матурската вечер, или пак да биде возен од друг матурант.
Полициските патроли ќе бидат присутни насекаде кај што се одржуваат матурски прослави, и ќе ги контролираат сите учесници во сообраќајот. ЈСП Скопје, од 20-ти до 27-ми мај обезбеди бесплатен превоз на сите матуранти помеѓу 15 минути по полноќ до 5 часот наутро.
