„Семеен лекар- за здраво семејство“: Граѓаните задоволни од своите матични лекари
Пред спомен куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ доктори по општа семејна медицина заедно со студенти од медицинскиот факултет на граѓаните им мерат крвен притисок, холестерол и триглицериди во крвта, а истовремено им даваат и соодветни медицински препораки и совети. Преку настанот со слоганот „Семеен лекар- за здраво семејство“ се одбележува Светскиот ден на семејните лекари, со карван во пет градови низ земјава...

До шестата деценија, дури ни земањето на терапијата не се смета за обврска. Младите немаат време за рутински контроли, но затоа граѓаните од третата доба редовно ја проверуваат здравствената состојба, покажува искуството на семејните лекари, а и нашата анкета снимена во центарот на Скопје.
Граѓаните се задоволни од своите матични лекари, покажува истражувањето на Здружението на лекарите по општа медицина. Сметаат дека со доедукација на здравствените работници од примарното ниво, поголем бенефит ќе имаат пациентите.
„Верувам дека оваа година ќе се формира и пакетот на услуги кои ќе ги пружи семејниот лекар бидејќи ќе биде компетентен за пружање на повеќе услуги што во моментот се даваат на повисоките нивоа на здравствена зашита. Тоа секако ќе биде заштеда и за здравствената каса“, вели д-р Нада Аницин, претседател на Здружението на лекарите по општа – семејна медицина на Македонија.
За пет години сите избрани доктори треба да бидат специјалисти по семејна медицина. По повод Светскиот ден на семејните лекари, на граѓаните во Скопје им мереа крвен притисок, холестерол и триглицериди во крвта.
Утре пунктот на семејните лекари ќе биде во Велес, потоа во Кочани, Битола и на крај во Тетово.
Наташа Јанчиќ
