Груевски: Нема да дозволиме да нѐ скршат!
19.05.2015 17:22
„Македонија е силна и одлучна – ќе ја добиеме и оваа битка“ - порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски од синоќешниот граѓански собир што се одржа во Скопје. Рече со или без СДСМ, позитивните чекори ќе бидат направени, а СДСМ и Заев постепено ќе останат изолирани во нивното деструктивно однесување. Груевски вели дека нема да дозволи тоа што го граделе со години, особено во економијата, сега да биде урнато...

Нема повлекување, нема предавање! Ќе ја добиеме и оваа битка – порака од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски на собирот во Скопје. Рече дека секој што е за Македонија не ја посакува сегашната наметната состојба. Според него, жртвите за татковината се ценат и нема да се заборават за сметка на дневната политика и за туѓите интереси.
„Тоа што ни се случува е всушност диктатура на политичкото малцинство, иструмент на служба. Но драги пријатели, Македонија не е Никола Груевски или Зоран Заев, ова е Македонија! Овој народ, вие, е најдобриот одговор на сите оние сценаристи кои цврсто веруваат дека ќе не скршат, дека ќе ни ги исперат мозоците, дека ќе не прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни воведи и наративи, дека ќе не исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме. Но вечерва го добиваат одговорот - Македонија не се предава, Македонија е силна“, нагласи Груевски во вчерашниот говор.
Демократија ли е ако на секој неистомисленик му упатуваш закана со објавување на снимени и креирани телефонски разговори стекнати на незаконски и на криминален начин – праша Груевски. Вели дека останало да виси прашањето- зошто СДСМ не објавило ниту една снимка за изборите во 2014-та година поради кои не е во Парламентот? За најголемо фијаско ги прогласи разговорите за Мартин Нешковски и Никола Младенов, зашто според Груевски, во првиот случај за виновникот има пресуда, а за вториот дека паднале во вода сите шпекулации дека владата му сторила нешто на новинарот. Потсети дека први, кои иако без докажана вина презеле конкретен чекор за надминување на кризата, биле Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков.
„Ние нема да му дозволиме на Заев тоа што со години го градиме во еконимијата, тоа што со години овој народ го чекаше за да ја види и почувствува својата посветла иднина силниот тренд на инвестиции и нови градби на нови производни и услужни капацитети и фабрики силниот тренд на отворање на нови работни места, планираните 63 000 нови работни места во четири годишниот мандат. Силниот тренд на раст на извозот, кој годишно расте од 15 до 20%, силниот тренд на инвестиции во инфраструктурата патиштата, железницата, енергетиката, авио сообраќајот, здравството, образованието. Силниот тренд на земјоделието, силниот тренд на реформи во многу области како што се последните во новиот закон за администрација или лани стапените на сила за судството. Силниот тренд на градење на Македонија и раѓање на нова перспектива и надеж за подобра иднина на младите, но и на повозрасните, нема да дозволиме тој човек и таа кукавичка група околу него како и нивните сценаристи, да го срушат. Тоа нема да им го дозволиме “, истакна Груевски.
Груевски им порача на странските инвеститори дека Македонија нема потенцијал за конфликт и за дестабилизација зашто народот не го сака тоа. Во врска со надворешната политика, го повтори ставот и за прашањето за името.
„Ние сме отворени за разговор, но нема да дозволиме решение спротивно на изборната волја на мнозинството граѓани во Република Македонија. Ако дозволиме тогаш зошто ни се избори во државата, едноставно некој ќе си набави опрема за прислушкување, ќе пушти свои политички противници како пцујат и како кажуваат непријатни работи во некој афект и ќе испорачаат барање за преодна Влада. Колку едноставна би била политиката на тој начин. А програма а проекти? Од што ќе живеат граѓаните? Затоа нам ни треба чист терен и мирно море. И за отворањето работни места и за реформите и чекорите за влез во Европската Унија и НАТО, отворивме многу проекти во инфраструктурата градиме три автопати а се подготвуваме за четврт, плус други експресни регионални локални патишта енергетски проекти, железнички пруги со еден збор не треба да се дозволи овој најсилен залет што било кога досега го имала Македонија некој да го запре со манипулативни методи и за нечии туѓи интереси“, рече Груевски.
Македонија е европска земја и ќе го добие заслуженото место. Имаме народ кој е мудар и носи исправно одлуки“- рече Груевски на крајот од совето обраќање на граѓанскиот собир кој го организираше владејкачката ВМРО-ДПМНЕ и партиите од коалицијата „За подобра Македонија“.
Миле А. Ристески
