Разговорите меѓу ВМРО-ДПMНЕ и СДСМ во Стразбур траеа над десет часови
Разговорите кои се водеа во Стразбур меѓу делегацијата на ВМРO-ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата и премиер на владата на Република Македонија Никола Груевски и со делегацијата на СДСМ предводена од претседателот на партијата Зоран Заев, траеа се до раните утрински часови, поточно до околу 3 часот и 30 минути...

Околу содржината на разговорите кои се водеа меѓу ВМРО-ДПMНЕ и СДСМ со посредништво или олеснување од страна на европратениците Иво Вајгл, Едуар Кукан, Ричар Ховит и евопскиот комесар за соседска политика, Јоханес Хан, не произлезе ништо во јавноста. Двете делеагции, заедно со нивните олеснувачи се договориле изутринава да излезат со заедничко соопштение за содржината на разговорите.
Секоја од делегациите околу 4 часот излезе од Европскиот парламент од различни излези, таа на ВМРО-ДПMНЕ од излезот Винстон Черчил, додека таа на СДСМ од излезот Лузи Вејс.
Известувачот за Македонија при ЕП, Иво Вајгл на излегувањето од зградата само лаконски искоментира после десетчасовните разговори:
„Средбата не беше залудна и вредеше што се одржа.“
Но, тој според општо постигнатиот договор со делеагциите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и другите олеснувачи, односно тие не сакаат да даваат изјави за содржината на разговорите за да им се даде целосна слобода на учесниците во нив.
Што се однесува до средбата, таа се одвиваше зад затворени врати, далеку од објективите на камерите, без притоа новинарите да бидат известени во која сала се одржуваше состанокот. И европските олеснувачи очигледно, со оглед на должината на средбата го искористија влијанието што тие го имаат врз политичките актери во Македонија за да се постигне напредок во изнаоѓањето на излез од политичката криза.
Според она што успеавме да го дознаеме, средбата започнала уште доцна попладнето, најпрво со одвоени средби на двете делегации со европарламентарците, а потоа и со еврокомесарот Хан.
На овие и на другите средби со европратеници Груевски и Заев, секој од својата страна ги запознаа соговорниците со ситуацијата во Македонија и нивните видувања за неа. Ова и во контекст на утрешната дебата која ќе се води во Европскиот парламент за ситуацијата во Македонија.
Инаку во делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ се наоѓаа покрај претседателот на партијата Никола Груевски, уште Мартин Протуѓер, Никола Тодоров, Никола Попоски, Сашо Мијалков, а тука беше и пратеникот Влатко Ѓорчев кој и се приклучи на делеагцијата во Стразбур, каде престојува на средби со претсавници на политичката група на Европските народни партии.
Во делагацијата на СДСМ се наоѓаа претседателот Зоран Заев, Рената Дескоска и Роберт Поповски.
Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ
