Американски аналитичари: Блокадата на евроинтеграциите носи дестабилизација
Американското отсуство на Балканот предизвикува нова дестабилизација во регионот условено од блокираните Евроатлански интеграции, сметаат американските аналитичари. Некои од нив со коментар за полициската операција во Куманово. Македонија се справи со терористите, а НАТО се уште не испратил покана за прием на земјата...

НАТО направи грешка што не ја прими Македонија во полноправно членство во 2008-та година поради спорот со името. Ова неминовно доведе до дестабилизација на земјата, оцени експертот на фондацијата Херитиџ, Лук Кофи во Вашингтон.
„Она што сега го гледаме во Македонија, мислам дека делумно е манифестација што се случува кога го игнорирате регионот. Кога го искушувате регионот со евроатланска интеграција, но вратата останува затворена, самит по самит. Како што видовме и на последниот самит во Велс, кога Црна Гора не доби покана, Грузија акционен план за членство, а Македонија не доби покана иако ги исполни сите критериуми за приклучување кон Алијансата“, смета Лук Кофи, експерт на Фондацијата Херитиџ.
Кога Франција се справи со терористичкиот напад, тоа за НАТО беше тероризам, но кога вреден сојузник како Македонија се справи со терористичка група при што имаше и загинати полицајци, тоа не е тероризам, посочи експертот на консалтинг компанијата Блустратеџис, Сели Пеинтер.
„Мора да имаме енергичен сојуз, а енергичен сојуз расте и им дозволува на земјите да го завршат акциониот план за членство како Македонија и ги поканува. Не ги држи за одговорни за спорот со името. Уште повеќе што неодамна Македонците имаа вонредна ситуација и и помогнаа на Алијансата со терористички акт, при што загубија и животи, а им велиме дека не се подготвени“, изјави Сели Пеинтер, експерт на Блустартеџис консалтинг компанија.
Евроатланската интеграција придонесува за демократизација на земјите од Западниот Балкан, оценуваат од Националниот Демократски Институт, додавајќи дека решението на внатрешно политичките кризи треба да се бараат во рамките на институциите.
„Повторно гледаме како опозицијата излегува од парламентот и го бојкотира од причини што се оправдани, но понекогаш и од причини што не се оправдани и ја деградираат институцијата на парламентот. Многу луѓе се најдуваат надвор од решението. Ниедна политичка институција не е совршена, но истовремено е клучно сите избрани пратеници не само да го признаат угледот на парламентот туку и да работат преку него“, вели Роберт Бенџамин, Национален Демократски Институт. Експертите во Вашингтон забележуваат дека случајно или не, нестабилноста во Македонија се појави по одлуката земјата да се вклучи во Турскиот тек на рускиот гасовод.
„Овие држави без разлика дали се на Балтикот или на Балканот мора да имаат светло и топлина и за тоа мора да најдат енергија од некаде. Овие земји имаат избрани влади што треба да одговарат на избирачите. Затоа кога слушаме изјави дека Македонија се приближува кон Русија бидејќи се согласија да бидат дел од турскиот тек, мислам дека ова е мрзелив пристап да се разберат работите на теренот. Да ја спомнам можноста дека проектот турски тек можеби нема навистина да се реализира“, додава Кофи.
Експертите од администрацијата во Белата куќа и Стејт Департментот побараа Соединетите Американски Држави да го вратат влијанието на Балканот, за да се врати довербата во евроатланската интеграција. Иако присутни на тркалезната маса во седиштето на Обединетата Македонска Дијаспора во Вашингтон, советниците за национална безбедност во администрацијата на американскиот претседател Барак Обама јавно не сакаа да се изјаснат за нивните ставови, но неофицијално велат ќе продолжат со поддршка на реформите.
Соединетите Американски Држави треба да останат активни на Балканот. Ова е ставот на администрацијата во Белата куќа.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
