Вељаноски: Замрзнатиот статус во евроатланските интеграции негативно влијае врз кризата
Претседателот на Собранието е убеден дека разумот ќе победи и дека со помош, поточно со медијација од меѓународната заедница и Европската Унија кризата ќе биде надмината...

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски денеска се обрати на отворањето на Парламентарниот комитет во рамките на Парламентарната димензија на Централно- европската иницијатива што се одржува во Скопје. Република Македонија од самото осамостојување па до денес многу јасно ги артикулира и работи на остварување на своите стратешки цели, а тоа е членство во НАТО и Европската Унија, истакна претседателот на Собранието во својот говор.
„Факт е дека сегашната криза се темели пред се на недостаток на политичка волја кај некои политички елити кои веќе една година не ја почитуваат волјата на народот изразена на последните предвремени парламентарни избори од минатата година и го бојкотираат Парламентот. Убеден сум дека тоа го прават на сопствена штета, но и на штета на државата бидејќи токму Парламентот е единствената институција каде што можат најдобро да бидат артикулирани програмите, интересите и ставовите на секоја политичка партија и на гласачите кои стојат зад нив. Нашиот најблаго речено седумгодишен замрзнат статус во процесите на Евроатланските интеграции негативно влијае врз сегашната криза“, истакна Вељаноски.
Вељаноски е убеден дека разумот ќе победи и дека со помош, поточно со медијација од меѓународната заедница и Европската Унија кризата ќе биде надмината, што е во корист пред се на граѓаните на Република Македонија, но и на мирот и стабилноста во регионот.
Република Македонија e полноправен член на Централно- европската Иницијатива од 1993-та година, а оваа година, по втор пат претседава со иницијативата.
