Искрена дискусија и продолжување на средбите- заклучоци по маратонските разговори во Стразбур

20.05.2015 12:58

Искрена дискусија и продолжување на средбите, ова се заклучоците во кусото соопштение по 10 часовните маратонски разговори меѓу делегациите на ВМРО- ДПМНЕ и на СДСМ во Стразбур, кој завршија во раните утрински часови...

Tројцата пратеници олеснувачи од Европскиот парламент (ЕП) - Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл –објавија кратко соопштение за печатот во кое се поздравува „искрената дискусија“ која во Страбург се водела изминатата ноќ, овие разговори помеѓу лидерите ќе продолжат, се вели во соопштението.

Преговорите кои се водеа синоќа овде во Стразбур помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев беа маратонски, повеќе од десет часа, започнувајќи со поедничените средби околу 16 часот вчера попладнето за да се завршат рано изутринава околу 4 часот, кога двете делеагции и олеснувачите се разделија.

„Во контекст на разговорите кои се во тек, европските пратениците и комесарот Хан ги поздравуваат напорите на лидерите на партии да работат кон договор во интерес на сите граѓани на земјата и да се решат предизвиците кои произлегуваат од кризата во согласност со европските стандарди“, се вели во соопштението.

Партиите, според соопштението ја потврдија нивната определба за ЕУ интеграција и демократските принципи и се согласија дека на прво место мораат да ги стават интересите на земјата.
Пратениците и комесарот Хан ја поздравија искрената дискусија околу клучните теми на несогласувањата. Сите страни се согласија дека е важно да се имаат понатамошни состаноци, се вели соопштението на тројцата пратеници.

Од своја страна двете македонски делегации се разделија во Сразбур без да дадат изјави, што било претходно договорено со олеснувачите. Следната средба ќе биде меѓу четирите најголеми политички партии, овој пат на домашен терен  во Македонија.

Инаку премиерот Никола Груевски денес останува во Стразбур, каде како што ни беше речено ќе има обраќање пред најголемата политичка група во Европскиот парламент – таа на Народните партии во која ВМРО-ДПНЕ членува.

Неговото обраќање ќе се случи непосредно пред дебатата во Европскиот парламент на пленарна сесија за ситуацијата во Македонија, по последниот равој на ситуацијата во присуство на Федерика Могхерини високата претставничка за надворешна политика на ЕУ. Од оваа дебата нема да прозлезе резолуција.

 

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ