Доделено решение на првата градинка во приватна компанија
Градинка во рамките на компанијата во која што работат е сон за многумина родители. Прва ваква градинка е отворена во фабриката „Oкитекс“. Интерес има и од други фирми...

Детски градинки во рамките на големите компании во европските земји, одамна се реалност. Фабриката „Окитекс“ е македонски пионер според овој модел.
Овој простор две години функционираше како игротека, а денеска доби решение за приватна градинка. За дечињата на вработените се грижат воспитувачка и негувателка.
„Како што се направија нови законски измени за да добиеме детска градинка, се надевам дека и Министерството за здравство ќе ги направи потребните измени за да можеме во рамките на компанијата да регистрираме амбуланта исто така за потребите на вработените на Окитекс“, изјави Розита Јорданова - раководител во приватната градинка „Бамбини“.
Ресорниот министер вели дека интерес за отворање на вакви градинки има и од 3 други компании. Очекува набрзо да започнат постапка.
„Времето ќе покаже меѓутоа нашата цел е со позитивни примери и со промовирање на поволностите да ги потикнеме приватните инвеститори да го зголемат капацитетот“, вели министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Во минатото во Македонија во поголемите фабрики имало градинки. Искуствата покажале дека вработените се поефикасни на работните места, кога знаат дека нивното дете е блиску до нив. Ослободени од ваквиот притисок, полесно се соочуваат со реалната потреба од прекувремена работа.
Андријана Атанасовска
