Разрешница на кризата за да не се загрози кредитирањето

20.05.2015 16:22

Последниве две години растат кредитите што банките им ги одобруваат на компаниите, но бизнис заедницата ја загрижува најавата на Централната банка за можно зголемување на каматните стапки, доколку набрзо не се надмине неповолната политичка состојба. Банкарите велат, има доволно слободни пари за сите добри проекти, а најмногу средства засега пласирале во градежниот сектор...

Актуелната политичка состојба негативно влијае врз економските текови, а први на удар се личната потрошувачка и намалениот интерес за трајни потрошни добра. Биснисмените најмногу ги загрижува можното кревање на каматните стапки, но и  ризиците што можат да ја зголемат рестриктивноста на банките. Краен ефект, според Сојузот на стопански комори е зголемување на трошоците и поскапување на производството.

„Тоа е негативен тренд кој очекуваме дека нема да се случи, а доколку дојде до такво нешто врз основа на кажувањата, дека е можно и врз основа на предвидувањата од страна на НБРМ кои се очекуваат во јуни или јули месец, доколку дојде до зголемување на каматните стапки, очекуваме тоа да не биде нешто драстично, туку да биде во некоја поднослива мерка“, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Кредитирањето во последниве две години расте и го олесни пристапот на фирмите до свежи пари, велат од Сојузот на стопански комори. Го очекуваат сигналот на комерцијалните банки, без чиишто кредити не е можен развојот на малите и средни фирми. Банкарите убедуваат- има доволно пари за сите добри проекти, а износот на одобрени кредити постојано расте, особено во градежниот сектор, каде што некои банки тројно ги зголемиле пласманите.

„Во последниов период може да се забележи, а и од структурата на портфолиото на банката се гледа дека тоа е градежништвото. Значи може да се донесе еден заклучок дека во Капитал банка во градежништвото има најголем процент на кредити“, изјави Зоран Кимов, Капитал банка.

Коморите  во соработка со бизнис центрите на 5-те плански региони настојуваат на малите и средните да им го олеснат пристапот до информации за најповолните  кредитни услови што ги нудат банките. Се промовираат и поволностите за нови  вработувања и ширење на бизнисот, како и можностите за финансирање преку Фондот за иновации.

 

Свето Николовски