Дијалогот- единствена шанса за излез од политичката криза
Политичкиот дијалог е единствената шанса за излез од кризата. Ова е комантарот на француската амбасадорка во земјава откако лидерите на СДСМ и на ВМРО- ДПМНЕ ги интензивираа контактите. Од успехот на овој процес ќе зависи дали Македонија ќе задржи препораката за почеток на преговорите со ЕУ, смета вицепремиерот Бесими...

Рано е да се даваат какви било коментари зашто преговорите се уште траат- француската амбасадорка во земјава, Лорен Оер, рече дека не сака многу да зборува за исходот на средбите на лидерите и европските поратеници во Стразбур. Верува дека дијалогот е единствениот излез од политичката криза.
„Не сакам да давам никакви предвидувања во однос на преговорите кои што се водат затоа што и не знам што точно се случува и што точно ќе се случува затоа што се уште преговорите течат. Синоќа до доцна, преговорите се водеа во Стразбур на кои што присуствуваше европскиот комесар, не присуствуваше Франција и затоа сакам да му дадеме шанса на тој систем на преговори кој што е веќе отпочнат“, вели амбасадорката на Франција во Македонија, Лорен Оер.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бесими рече дека единствениот начин на Македонија да и остане препораката е да го заврши политичкиот дијалог што побргу.
„Политичкиот дијалог да даде резултати што е можно побрзо и на тој начин да дадеме шанса Македонија да не ја испушти можноста за евроатлантска интеграција односно членство во ЕУ. Македонија се повеќе станува тема на состаноците на институциите на ЕУ и важно е да испрати вистински сигнали, а тоа е дека ние сме заинтересирани за членство во ЕУ, не само од формален, туку и од суштински аспект, затоа што тоа интересот на граѓаните“, изјави Фатмир Бесими, вицепремиер за Евроинтеграции.
На прашањето - дали ДУИ ќе ја напушти владината коалиција, Бесими одговори дека политичкиот дијалог треба да биде во функција на евроатланскиот пат.
Катерина Топалова
