Бизнисот се преиспитува, инвестициите продолжија!
Последната најава за инвестиција на американски Леар дава сигнал дека странските инвеститори се уште се заинтересирани да вложат во Македонија. Премиерот Груевски на граѓанскиот собир им порача странските бизнисмени дека Македонија нема потенцијал за конфликт и за дестабилизација и дека народот не го сака тоа...

Бизнисмените воздржани, развојните планови во фиока, реализацијата на зделките се пролонгира, вработувањата во стагнација, капиталот во каса. Никој нема намера да троши пари во состојба на политичка нестабилност и несигурност. И кога добро ни тргна и позитивните трендови ја раздвижија економијата, случувањата на политичката сцена удрија, го ставија под прашалник растот, во недоумица странските инвестиции.
Македонија нема потенцијал за конфликт и за дестабилизација, народот не го сака тоа – порака до инвеститорите од премиерот Груевски. Најави, пакет мерки и промени во многу сектори со кои ќе се засили функционалниот систем на управување. Нема да му дозволиме на Заев тоа што со години го градевме во економијата, да го срушат, рече премиерот и лидер на ВМРО- ДПМНЕ.
„Тоа што со години овој народ го чекаше за да види и ја почувствува својата посветла иднина, силниот тренд на инвестиции и нови градби на нови производни и услужни капацитети и фабрики, силниот ден на отворање нови работни места, планираните 63.000 нови работни места во четиригодишниот мандат, силниот тренд на раст на извозот кој годишно расте по 15 до 20 отсто, силниот тренд на инвестиции во инфраструктурата, патиштата, железницата, енергетиката, авиосообраќајот, здравството, образованието, силниот тренд на земјоделството, силниот тренд на реформи во многу области, како што се последните во новиот Закон за администрација или лани стапените на сила за судството, силниот тренд на градење на Македонија и раѓање на нова перспектива и надеж за подобра иднина на младите, но и на повозрасните нема да дозволиме тој човек и таа кукавичка група околу него, како и нивните сценаристи, да го срушат. Тоа нема да им го дозволиме“, нагласи Груевски.
Централната банка засега не ја менува проекцијата за раст од 4,1 насто годинава, 4,5 проценти следната. Најави ценовната стабилност и курсот на денарот во однос на еврото ќе бидат задржани, ќе преземат се што е во нивна моќ да нема поместувања кај стабилнста на банкарскиот сектор, но стојат предупредувањата за помал раст по негативните политички случувања во земјата. Секој инвеститор прво ги гледа политичката и економската стабилност, прави проценки па засега не сме познати по негативни реперкусии, освен по добрата бизнис клима.
„Морам да напоменам дека овие неколку недели јас и моите колеги сме во интензивни контакти со странските инвеститори. Кај многу од нив има загриженост, а првото прашање е кои се официјалните информации настрана од се друго што се информира. Засега не сме запознати со некои негативни реперкусии, но за земја како Македонија тоа е фактор на среќа. Ние правиме големи напори да не дојде до нестабилност и денешната одлука на Леар тоа го покажува, дека фирмите праваат пошироки проценки и се ставаат на страната на оној кој се труди да обезбеди добра бизнис клима, а и долгорочно отворање на нови работни места“, вели Веле Самак, министер за странски инвестиции.
Последната инвестиција на американски Леар со кој за инвестицијата во Полошкиот регион се преговарало изминатите две години донесе охрабрувачки сигнали. Најавите за две илјади вработувања ја потврдија атрактивноста на бизнис климата за вложување во државава, велат експертите.
Сузана Фиданска Стоевска
