Општина Кисела Вода додели нови решенија за легализација

21.05.2015 13:51

Градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ потсети на воведените мерки кои доведоа до олеснување на процесот на легализација на дивоградби...

Нови 50 решенија за легалиација на дивоградби се доделени денеска во Општина Кисела Вода, со што вкупниот број на издадени решенија за легализација достигна 3.777. 
 
Градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ потсети на воведените мерки кои доведоа до олеснување на процесот на легализација на дивоградби.
 
Со цел да се подобри динамиката на решавање на предметите, општина Кисела Вода направи кадровско и техничко доекипирање на Одделението за легализација на дивоградби, зголемување на бројот на комисии кои излегуваат на терен и воведе практика за решавање на минимум 40-50 предмети на неделно ниво. Сепак, не би сакала да ја миноризирам и улогата на сопствениците на нелегално изградените објекти, бидејќи, за процесот на легализација да тече, тие мораат да достават комплетна документација до административните служби-истакна Беличанец-Алексиќ.
 
Додаде дека бројот на поднесени барања без геодетски елаборат, во овој момент, изнесува 3.318 и дека не треба да се чека на крајниот рок за комплетирање на документацијата бидејќи заокружувањето на процесот на легализација е заеднички начин да се придонесе за успешен развој на општината.