Митревски реизбран за претседател на ССМ

21.05.2015 16:04

Живко Митревски едногласно од деведесет и седум делегати од седумнаесет гранкови синдикати е реизбран за претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија. Тој од Охрид порача дека и во иднина ќе се залага за зголемување на работничките права и дека синдикатот особено ќе биде фокусиран на потпишувањето на колективните договори во приватниот и јавниот сектор...

Старо- нов лидер на Сојузот на синдикатите на Македонија е Живко Митревски.Така одлучија делегатите на 19-тиот Конгрес кој се одржа во Охрид. При тоа Митревски ги соопшти приоритетите на синдикатот меѓу кои најзначајни се потпишувањето на колективни договори во приватниот и јавниот сектор, обезбедување на сигурни работни места и плати како предуслов за мирен и спокоен живот. Тој од Охрид упати порака и до политичарите.

„Бараме што побрзо разрешување на сите економски,социјални и политички кризи од надлежните чинители во општеството. Како претставници на работниците во идниот период ќе бараме понатамошно подобрување на социјалната и материјалната положба на работниците и граѓаните во Република Македонија.Доследно почитување и примена на работничките права“, изјави Митревски.

Со силата на аргументите и меѓусебно разбирање се решаваат конкретните проблеми на илјадници работници,поради што синдикалците побараа унапредување на социјалниот дијалог и нивно вклучување во подготовката на сите закони.

„Тоа се чекори кои одеа кон заштита на работниот однос, чекори кои одеа кон зголемување на работните места, а  не кон отпуштање, чекори кон релаксиран однос кон реформите во работното законодавство и пензискиот стаж“, нагласи Митревски.

Една од најзначајните иницијативи на Сојузот на синдикатите во изминатиот период, како што рече Митревски беше донесувањето на Законот за минимална плата. Така што таа од 4.500 во 2012-та оваа година изнесува 9.590, а во март 2016-та ќе биде 10.080 денари.

 

Сашо Нелоски