Стопанските комори со предлог мерки за надмување на кризата
Бизнис заедницата најави конкретни предлог мерки за надминување на последиците од политичката криза, што следната недела ќе бидат доставени до Владата. Претходно треба да дадат виза собранијата и управните одбори...

Петте највлијателни бизнис заедници излегоа со заеднички ставови за надминување на лошата политичка состојба, која според нив има негативно влијание врз економските текови во земјава. Загрижени се за странските и домашните инвестиции, за намалувањето на бројот на туристи, но и за дознаките кои влијаат негативно врз вкупната потрошувачка, како и загрозување на позициите на извозниците. Од политичарите бараат брза реакција.
„Нема да има инвестиции доколку ние тапкаме во место и мислиме дека сме центарот на светот со некои наши ставови, велам конкретно на политичарите. Затоа што гледате дека ние како бизнис заедница, сите секири ни сечат на исто место и повеќе се секираме за нашата иднина отколку некои политичари кои сметаат дека имаат време да се договараат. Ние мислиме дека нема повеќе време да оддолжуваме. Време е сите да бидеме обединети и да го сакаме не само декларативно доброто на земјава, туку и реално да работиме на ова“, изјави претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи.
Некои од инвеститорите веќе откажуваат инвестиции што биле пред потпишување, вели Кучи, посочувајќи личен пример. Тие, според него, сакаат да заработуваат, однапред да им биде позната легислативата, но внимаваат на безбедноста и не сакаат хаотични состојби. Првин сакаме да го тргнеме елементот кој е генератор на кризата, а потоа да зборуваме за конкретни мерки кои ќе бидат повеќе на макроекономски план, а потоа и на микроекономски, нагласи Кучи, коментирајќи ги конкретните барања на петте комори.
„Во овој момент сите ние, како и делот на граѓаните што се наши вработени се подготвени да направат компромис и да не бараат ниту зголемување на плати и ништо што е надвор од можностите на државата. Насока која ни дава за право да размислуваме и околу ограничување на одредени популистички мерки кои може да ги преземе Владата“, вели Кучи.
Конкретните предлог мерки за надминување на последиците од политичката криза бизнис заедницата ќе и ги достави на Владата следната недела. Претходно виза треба да дадат нивните собранија и управни одбори.
Свето Николовски
