„Техникал Текстил“ најавува нови вложувања
Инсталирани првите машини, обучени првите работници – „Техникал текстил“ насокро ја отвора фабриката во Штип. Менаџментот веќе разговара и за нови инвестиции во земјава...

Германски „Техникал Текстил“ наскоро ги отвора погоните. Компанијата која пред еден месец го потпиша договорот за реализација на инвестицијата, веќе ги инсталира машините во зоната во Штип. 50 работници се испратени на обука во Словачка, со цел да го стекнат потребното работно искуство и да се запознаат со процесот на производство.
„Ќе вработиме 200 работници во јуни и јули. Со целосно реализирање на инвестицијата бројот на вработени во компанијата ќе достигне 1.000 луѓе. Во моментов бараме различни профили, и работници за производство и луѓе за административни работи. Ние сме задоволни од работната етика на македонските работници и гледаме добра иднина“, изјави Јенс Вендланд, сопственик на компанијата.
Сопственикот на „Техникал Текстил“ ги повика заинтересираните за работа да ја погледнат интернет – страницата на компанијата и да аплицираат. Размислува и за нови вложувања, со што би се надминала првичната вредност на инвестицијата од 10 милиони евра.
„Ги разгледувавме можностите и за нови инвестиции. Профитот што ќе го правиме во Македонија планираме да го реинвестираме, нема да го изнесуваме надвор во земјава“, нагласи Вендланд.
Македонските власти преговараат за да ги привлечат и бизнис – партнерите на „Техникал Текстил“.
„Со господинот Вендланд преговараме за потенцијални инвестиции и од неговите бизнис-партнери, со кои тој соработува, а со цел да се лоцираат во Македонија. Тоа ќе зависи од успешноста на оваа инвестиција“, изјави Виктор Мизо, директор на слободните зони.
„Техникал Текстил“ има погони во Германија, Словачка, Обединетите Емирати и во Кина. Во нив се произведува фиберглас и пластични полимери кои се користат во бродската и во авионската индустрија, но и за изградба на ветерни централи.
Мартин Пушевски
