Грегзитот, Брегзитот и Украина - теми на самитот на ЕУ во Рига

22.05.2015 17:25

„Франција и Германија и понудија на грчката влада да и одговорат на сите прашања и да и помогнат, но крајното решение е на трите институции и неопходна е интензивна работа“, изјави Ангела Меркел, канцеларка на Германија...

На самитот на европските лидери во Рига главна тема – Грегзитот, Брегзитот и Украина. По средбата на маргините на грчкиот премиер Ципрас со канцеларката Меркел и францускиот претседател Оланд, повторно без решение и со заклучок дека има уште многу работа.

„Франција и Германија и понудија на грчката влада да и одговорат на сите прашања и да и помогнат, но крајното решение е на трите институции и неопходна е интензивна работа“, изјави Ангела Меркел, канцеларка на Германија.

Брегзитот или британскиот референдум за излез од Европската унија, фрла сенка на средбата иако Брисел отфрли во Рига да зборува за оваа тема. Договорена е помош од 1,8 милијарди евра за Украина, најголема за земја што не е членка на Унијата, во замена за реформи и антикорупциски мерки.

Европските лидери пратија порака дека самитот во Рига не е против Русија, туку ревизија на односите со шесте поранешни советски држави и смирување на тензиите со Москва.

Претседателот на Европската комисија Јункер, на пристигнувањето го поздрави премиерот на Унгарија Орбан со зборовите „Здраво, диктаторе“ по барањето за ограничување на влезот на мигрантите и враќање на смртната казна.