Идната недела ќе се знае кои компании ќе добијат средства од Фондот за иновации

27.05.2015 16:30

Неповратни 160 илјади евра за иновации. Идната недела ќе бидат познати компаниите кои ќе добијат пари од Фондот за иновации. Меѓународни експерти ќе ги оценуваат проектите кои ги достави бизнисот...

Наредната недела ќе бидат познати компаниите кои ќе добијат пари од Фондот за иновации. Меѓународните експерти кои се во земјава, ги оценуваат 34 од над 70 проекти кои ги достави бизнисот. Според владиниот портпарол Ѓорѓиев, експертите ќе ја оценуваат иновативноста, пазарниот потенцијал, капацитетот на менаџерскиот тим.

Во јуни се очекува  да почне и исплатата на парите од првиот оглас на Фондот за иновации.

„Тие 34 проекти во следниот период ќе бидат оценувани од страна на Комитетот за одобрување на иновациите, којшто е составен од пет врвни меѓународни експерти од областа на иновациите и технолошкиот развој који покрај самиот квалитет на иновацијата ќе ја оценуваат и пропулзивноста на таа иновација на самиот пазар, капацитетот на менаџерскиот тим и останатите акспекти кои имаат допирна точка со самата иновација“, вели портапролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

На огласот за иновации се пријавија осумдесетина „старт ап“ и „спин оф“ компании. Најголем дел од нив од  информатичко- комуникациски компании. Огласот предвидува распределба на 600.000 евра неповратни средства.

Инвестирањето во иновациите станува стратешка определба на Владата. Премиерот Груевски вели дека инвестицијата во иновациите е минимална, а добивката може да биде многу голема.

Фондот за иновации во втората половина од годинава ќе распише и втор оглас кој ќе тежи 1,7 милиони евра. Во наредниот период преку Фондот за иновации ќе бидат распределени 8 милиони евра.

Со првиот оглас се финансираа проекти кофинансирани од грантови наменети за „старт-ап“, „спин-оф“ трговски друштва и иновации.

 

Дијана Ценевска