Столтенберг: Проширувањето на НАТО ќе продолжи
Проширувањето на НАТО ќе продолжи, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг при првата официјална посета во Вашингтон. Според него, никој однадвор не може да го спречи проширувањето. Столтенберг најави дека при крајот на годината, сојузниците ќе одлучат дали да и упатат покана за членство на Црна Гора. Македонија не беше спомната од страна на Столтенберг...

Проширувањето на НАТО и на Европската унија одигра историска улога за стабилизација на Европа, изјави новиот генерален секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг при првата посета на Вашингтон. Тој не сакаше да прецизира дали престојниот самит во јули идната година во Варшава ќе биде за проширување, но потенцираше дека Русија не може да го запре приемот на суверени држави што сакаат да станат членки.
„Мислам дека е важно да се потенцира фундаменталниот принцип дека секоја нација има суверено право да одлучува за сопствениот пат вклучувајќи во какви безбедносни аранжмани сака да биде дел. Ова е објавено во многу документи како на пример финалниот акт од Хелсинки што е потпишан и од Русија. Последиците од ова е дека дали некоја држава ќе стане дел од НАТО или не, е нешто што ќе биде одлучено од таа земја аспирант и 28-те сојузници, и никој друг. Никој друг нема право на вето или да одбие суверена држава да се приклучи на Алијансата и да го одбере тој пат“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Се уште е рано да се одлучува на кои земји кандидати ќе им бидат упатени покани за членство на самитот во Варшава, но првиот човек на Алијансата посочи дека на последниот самит во Велс беа потврдени одлуките од Букурешт и дека до крајот на оваа година ќе се донесе одлука за прием на Црна Гора. Столтенберг не ја спомна Македонија, но истакна дека Финска и Шведска можеби ќе решат да се приклучат на Алијансата.
„Решивме дека ќе донесеме одлука за Црна Гора до крајот на оваа година. Значи ова ќе биде главно прашање на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО на крајот од 2015-та. Не би сакал да кажам ништо за швеѓаните или финците, јас сум од Норвешка и тоа не би било прифатено како независно мислење. Шведска и Финска треба да решат кога ќе аплицираат и тогаш ќе донесеме одлука дали ќе ја прифатиме нивната апликација како што решаваме за секоја земја аспирант“, нагласи Столтенберг.
Одбраната од терористички напади преку обука на силите на земјите партнери на Блискиот исток, заштита од компјутерски напади и зголемување на воените буџети и одбранбените капацитети на сојузниците, ќе бидат главни теми на самитот во Варшава идната година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
