Енергетската ефикасност во индустријата за раст и конкурентност на економијата
Почнува проектот за пазарна трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии. Обезбедено е кофинансирање и грант од вкупно 7,3 милиони долари...

Индустријата е сектор со најголем потенцијал за заштеда на енергија. Се проценува на околу 38% од вкупната потрошувачка на енергија во земјава. Главна пречка за зголемување на енергетската ефикасност во индустриските компании е недостатокот на систематски и структурен пристап во управувањето со користење енергија во сите нејзини форми, велат експертите. Преку проектот за пазарна трансформација за енергетска ефикасност во индустријата ќе се овозможи забрзување на инвестициите со обезбедување најнови технологии и практики.
„Верувам дека претпријатијата ќе ја препознаат оваа шанса и ќе направат се за да ги искористат нашите проектни ресурси и советите на меѓународните консултанти од УНИДО на најдобар можен начин“, изјави Катарина Георгиевска, Регионален центар за животна средина.
„Владата на РМ изразува силна поддршка за проктот поттикнување пазарна трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзувањето на инвестициите во најдобри практики и технологии поради придонесот кон одржливиот индустриски развој и зголемената конкурентност на претпријатијата“, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Стратегијата за енергетска ефикасност има за цел до 2020-та да бидат заштедени најмалку 9% од финалната потрошувачка во неколку клучни сектори.
„Согласно со оваа стратегија за унапредување на енергетската ефикасност за реализација на предвидените мерки и други активности во периодот до 2020 година се предвидени околу 522 милиона евра. Се очекува да бидат постигнати вкупни финансиски заштеди од околу милијарда и 203 милиони евра“, рече министерот за економија, Белим Незири.
Проектот се спроведува со Програмата на обединетите нации за индустриски развој.
„Да одиме кон производствени процеси и практики кои не се штетни по животната средина и кои се свесни за фактот дека нашата планета има ограничени ресурси“, вели Марко Матеини– советник во УНИДО.
За реализација на проектот обезбедено е кофинансирање од 5,9 милиони долари, како и грант од Глобалниот еколошки фонд од 1,4 милиони долари.
Свето Николовски
