Премиерите од Западен Балкан на заедничка маса: Евроинтеграцијата ги забрзува реформите

28.05.2015 16:15

Економски раст, подобра инфраструктура и нови работни места за приближување до Унијата. Премиерите од Западен Балкан на заедничка маса на Виенскиот економски форум кој се одржува во Тирана. Европските интеграции - забрзувач на реформите, порака од премиерот Груевски...

Европските интеграции се движечка сила со која се мобилизираат ресурси и енергија за да се унапредат реформите и државите да одат напред. Евроатлантските интеграции се главен кохезивен фактор меѓу различните етнички заедници, па оттука Македонија е посветена на реформите кои значат придвижување на процесот на интеграција во Унијата, рече премиерот Груевски на Виенскиот економски форум што се оддржува во Тирана. Тој посочи дека ако не се случеше попречувањето од Грција, Македонија ќе беше членка на НАТО и ќе се финализираа преговорите за членство во Унијата.

„За нас е исклучително важно што е можно поскоро да ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Примерот на Словенија и на Хрватска може да послужи како добар пример за нас и Грција. Во нашиот случај би имало паралелни преговори со нашиот јужен сосед за разрешување на билатералното прашање, а истовремено тоа би биле и паралелни преговори за полноправно членство“, рече премиерот Груевски.

За Македонија се важни добрососедските односи и регионалната соработка, оцени Груевски и ги повика лидерите на државите од опкружувањето да бидат внимателни во изјавите коишто ги испраќаат од причина што тие пораки ги следат граѓаните и секоја несоодветна може да предизвика негативни чувства, што не е добро, истакна Груевски.

Балканските лидери, пак, оценија дека преку економски раст, подобра инфраструктура и креирање на нови работни места би се намалиле разликите помеѓу земјите од Балканот и оние од Европската Унија.

„Сметам дека состанокот е од голема важност за да го олесниме и зајакнеме позитивниот моментум. Луѓето од регионот се поврзани со заеднички сон којшто води кон Европа“, изјави премиерот на Албанија, Еди Рама.

„Не можеме да реализираме ниту една реформа без регионална соработка којашто е столб на стабилноста не само за овој регион, не само за западниот Балкан, туку за цела Југоисточна Европа“, нагласи српскиот премиер, Александар Вучиќ.

На маргините на форумот Груевски се сретна со албанскиот, црногорскиот, косовскиот и српскиот премиер на кои средби се разменија ставови за билатералната соработка и заедничката интеграција во Унијата.

„Се договоривме да имаме уште посилна соработка  во иднина во правец на зајакнување на нашите позиции како држави, зајакнување на регионалната и меѓусоседската соработка, затоа што сите имаме заедничка цел- да се приклучиме на ЕУ, тие што не сме во НАТО, да се приклучиме и на НАТО“, изјави премиерот Груевски.

И на средбите и на форумот, Груевски посочил дека Владата е фокусирана на економијата и креирањето на повисок стандард за граѓаните, за што е обезбедена и поволна бизнис клима, и чекорите кои се направија, според него, помогнале да се донесат странски инвеститори и да се охрабрат домашните што придонесло да се намали проблемот со невработеноста.

 

Анита Димитријевска