Шест странски компании ќе отворат нови капацитети во земјава, работа за 2.500 луѓе
Шест странски компании во претстојниот период ќе ги отворат своите нови капацитети во земјава. Три се во зоната во Скопје, по една во Штип и Прилеп, откупен центар се гради во Ресен. Фабриките во својот полн капацитет, треба да ангажираат околу 2.500 работници...

Странските инвеститори забрзано ги градат најавените прозводни капацитети. Фабриката на италијанската компанија „Диатек“ во Бунарџик е во завршна фаза. Инсталирани се првите машини од опремата вредна 10 милиони евра. Процесот на регрутирање на почетните 50, од планираните 200 вработени е во тек и се очекува да почне со производство во јули годинава. Ќе извезува на пазарите во југоисточна Европа, Медитеранот, Северна Африка. И американската „КапКон“ финишира со изградбата на капацитетот вреден 18 милиони долари во кој ќе бидат отворени 400 нови работни места.
„Со отворањето на гринфилд капацитетите на новите инвеститори ќе дојде до значително зголемување на бројот на вработени лица кои ќе бидат ангажирање во рамките на компаниите, а освен тоа ќе има и позитивни придвижувања во макроекономскиот развој, особено во зголемувањето на извозот“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Германската „Техникал Текстил“ ја лоцира фабриката за индустриски текстил во Штипската зона. Ќе ја отвори до крајот на јули. Висината на инвестицијата во првата фаза изнесува 12 милиони евра, а планирани се илјада вработувања.
„Ги разгледувавме можностите и за нови инвестиции. Профитот што ќе го правиме во Македонија планираме да го реинвестираме, нема да го изнесуваме надвор во земјава“, изјави сопственикот на компанијата, Јенс Вендланд.
И американската „Ки Сејфти Системс“ интензивно го гради капацитетот во Кичево кој ќе биде готов до декември годинава. Се инвестираат 20 милиони долари и ќе произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија. Се планира отворање на 1.000 работни места.
Финишира и изградбата на откупно дистрибутивниот центар на „Ејпл ленд“ во ресенско Макази, а во текот на летово италијанската „Технохозе“ ќе го стави во употреба вториот капацитет за кој се најавени 150 вработувања.
Катерина Топалова
