Богов: НБРМ нема да дозволи да се доведе во прашање макроекономската стабилност

28.05.2015 16:47

Довербата тешко се стекнува, но лесно се урива – вака гувернерот Богов го коментира влијанието на политичката криза врз домашното стопанство. Порача дека Народната банка нема да дозволи да се доведе во прашање макроекономската стабилност. Гувернерот оствари средба со турските инвеститори во земјава. И тие побараа брза разрешница на кризата...

Минимални штети од политичката криза веќе се видливи во економијата, вели гувернерот Димитар Богов, но ги увери турските бизнисмени во стабилната макроеномска политика  и цврстиот денар. Тој ги повика да продолжат со инвестиции во земјава. Вели дека во наредните неколку месеци не гледа потреба од промена на монетарната политика, но и дека проектираниот раст од 4,1 проценти е тешко остварлив.

„Ги уверив во стабилноста на македонската економија, макроекономската стабилноста, стабилноста на курсот на денарот дека нема да бидат доведени во прашање. Тие можат да сметаат на еден стабилен амбиент за работа, ги повикав да продолжат да инвестираат во македонската економија, бидејќи тие се ценети инвеститори и значително придонесуваат за позитивните движења во економијата“, изјави Димитар Богов, гуверенер на НБРМ.  

Според Богов пролонгирањето на политичката состојба би довело до негативни ефекти во производството, инвестициите, побарувачката, банкарскиоот сектор, што би ја загрозило  макроекономската стабилност, за што државата ќе треба да донесе нови мерки. Турските бизнисмени кои веќе работат во земјава оптимистички очекуваат брзо решавање на политичката криза, задоволни се од поволната бизнис клима.

„Турските инвеститори не размислуваат за повлекување, напротив продолжуваат со проектите кои беа предвидени за инвестиции во Македонија. Јас се надевам дека ситуацијата ќе има многу брза разврска“, вели бизнисменот Ајдован Адамовски.

Турските бизнисмени се заинтересирани за инвестиции во трговијата, градежништвото, земјоделството, рударството.

„Во поглед на макроекономските показатели е најуспешна држава во Европа. Продолжувањето на овие успеси на македонската економија зависи од воспоставување на политичката стабилност“, изјави претседателот на Македонско- турската стопанска комора Ејуп Гавеџи.  

Турските инвестиции во Македонија изнесуваат повеќе од над 800 милиони евра.

 

Дијана Ценевска