Фондот за иновации ги селектираше најдобрите- 16 проекти ќе бидат финансирани

29.05.2015 15:42

Од 78 пристигнати апликации во Фондот за иновации и технолошки развој, 34 биле оценети, а биле прифатени 16. Неделава тие ќе добијат дел од предвидените за оваа намена, 600 илјади евра. До крајот на годинава ќе биде распишан уште еден оглас за распределба на 1,7 милиони евра...

16 апликации се иновативни, пазарниот потенцијал и капацитетот на менаџерскиот тим се на многу високо нивно, оцениле експертите од Фондот за иновации. Наредната недела ќе бидат познати компаниите кои ќе добијат пари. Во јуни се очекува да почне исплатата на парите од првиот оглас. Предвидена е распередлба на 600.000 евра неповратни средства.

„Од 16 избрани апликации, половина доаѓаат од областа на информатичките технологии, а останатите се од други сектори како што се електроинженерството и од производството на кондиторски производи, така што имаме диверзифицирано портфолио кое за прв пат ќе биде финансирано“, изјави Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

34 од над 70 проекти што ги доставиле комапниите, ги оценувале меѓународните експерти.

„Имав чест да работам не само со македонскиот фонд, туку и со српскиот. Споредбено со Србија, каде на првиот јавен повик се финансирани шест успешни апликации, во Македонија оваа бројка е значително поголема, што значи процесот тука беше значајно поуспешен“, вели Ристо Калске, претседател на Комитет за одбрување на инвестиции.

Фондот за иновации во втората половина од годинава ќе распише и втор оглас кој ќе тежи 1,7 милиони евра. Во наредниот период преку Фондот за иновации ќе бидат распределени 8 милиони евра.

Со првиот оглас се финансираа проекти кофинансирани од грантови наменети за „старт-ап“, „спин-оф“ трговски друштва и иновации.

 

Наташа Јанчиќ