Над 100 повици дневно во итната помош: Променливо време негативно влијае на здравјето

29.05.2015 16:17

Промените се најопасни за оние со нарушено здравје. Единствен спас се терапијата и редовните контроли...

„Ќе не умре ова променливо време, надворешниот притисок влијае, главата боли, коските... Понекогаш ме боли малку главата, друго не. Ме чува господ... Дијабетичар сум, на инсулин, срцев болен, со реума. Сите болести се собрале на едно место. Влијае, многу влијае...“, велат граѓаните кои денеска ги анкетиравме.

До 120 повици во итната медицинска помош само за едно деноноќие, во просек по 3 мозочни удари - променливото време влијае врз здравјето на граѓаните. Промените се најопасни за оние со нарушено здравје. Единствен спас се терапијата и редовните контроли.

„Да не излегуваат во раните утрински часови кога температурата е пониска во однос на дневната, да земаат полесна храна. Многу луѓе се јавуваат и со промени во расположението, депресивни се и тие добиваат совети што треба и како треба да примаат во однос на терапијата или во однос на совет што треба да прават“, вели д-р Ѓорѓи Карамановски, од Итна медицинска помош.

Лекарите советуваат граѓаните да бидат претпазливи.

Редовно земајте ја пропишаната терапија, а ако се почувствувате истоштено, побарајте помош, ги советуваат лекарите хронично болните кои најмногу страдаат поради наглата промена на надворешната температура.

 

Андријана Атанасовска