Турски бизнис ангели во земјава бараат иновативни компании
Турски бизнисмени кои се во земјава велат дека Македонија има еден од најбрзорастечките старт-ап пазари во регионот. Поради тоа, дошле да им помогнат на овдешните компании за да излезат на странските пазари...

Македонските фирми и претприемачи кои бараат инвестиција ги презентираат своите идеи пред Турската асоцијација на бизнис ангели што престојува во земјава. Ќе се селектираат иновации, претприемачи и иновативни компании.
„Тука сме за да ја презентираме важноста на иновациите. ТБАА е присутна не само во Турција, туку и во цела Источна Европа, а токму Македонија има еден од најбрзорастечките старт ап пазари во регионот. За нас ќе биде многу возбудливо да ги видиме најдобрите македонски претприемачи денеска“, изјави Бајбарс Алтунташ, претседателот на ТБАА и потпретседател на ЕБАН.
Од глобалните инвестиции на бизнис ангелите четвртина завршува во секторот на Информатичко компјутерски технологии и овој факт можат да го искористат македонските претприемачи од овој сектор, порача Алтунташ.Тој вели дека пари лесно се наоѓаат ,но проблем секогаш е влезот во мрежа и ноу хауто.
„Средствата кои доаѓаат од националните и европските фондови во принцип даваат можност да се развие производ, но она што е важно бизнис ангелите нудат освојување на пазари“, вели Илија Вучков-претседател на ЕМКИЦЕ.
Посетата на Турската асоцијација на бизнис ангели е во организација на Македонската мрежа, Центарот ЕМКИЦЕ, локалните власти, Коморите, поддржани од Турската амбасада.
„За стартапот треба многу да се дискутира затоа што во овој момент во Македонија освен Фондот за иновации не постои друга институција која ги поддржува старт ап бизнисите“, вели Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.
„Се продлабочува врската меѓу државата и стопанството и е посебна алатка која придонесува за посилен развој на домашното стопанство од аспект на носење ноу хау од странските компании кои се овде присутни“, изјави Климент Шекеровски, Агенција за странски инвестиции.
Преку најмоќната Турска мрежа на бизнис ангели годишно се инвестираат околу 400 милиони долари во старт ап, мали и во средни компании, кои се најголем генератор за развој на иновации и нови вработувања.
Свето Николовски
