Летово градежен бум во зоните

29.05.2015 17:11

Пет странски инвеститори почнуваат со изградба на новите фабрики гринфилд капацитети во индустриските зони и уште толку странски инвеститори почнуваат со работа во браунфилд закупените простории. Компаниите имаат вработено кадри, а процесот на регрутација трае континуирано. ТИРЗ интензивно работи на подготовка на инфраструктурата и комплетирање на документацијата за изградба на новите фабрики...

Странските инвеститори  летово најавуваат засилена градежна активност во индустриските зони- вели владиниот портпарол Ѓорѓиев. За неполн месец почнува изградбата на американската компанија Гентерм во зоната во Прилеп. Планира да вработи 2.000 лица. Инвестицијата е вредна 20 милиони евра. Камен темелник за јули се планира и за фабриката  на германската ОДВ Електрик во Струга. Ќе вложи 15 милиони евра и најави нови 1.000 работни места. За два месеци во Штип почнува со градба италијанска Кондево, а во исто време тоа ќе го направи и турската Менсан Аутомотив и италијанската Монтанте Груп.

„Дирекцијата за Технолошко индустриски развојни зони, е во финална фаза на подготовка на комплетната инфраструктура во сите зони кадешто треба да започне градбата на новите капацитети на странските инвеститори. Се чини веројатно дека во текот на летниот период ќе имаме една добра динамика за изградба на нивните нови капацитети“, вели портпаролот на Владата, Алексанадар Ѓорѓиев.

Пет странски инвеститори работат или ќе почнат во веќе постојните објекти. Германската компанија Костал од автомобилската индустрија ќе инвестира 80 милиони евра во зоната во Струга. Планирани се 1.000 вработувања. И германската компанија од автомобилската индистрија во Прилеп, Акомпласт  на почетокот ќе биде браунфилд инвестиција. За почеток ќе се вработат околу 250 лица. Турско-кинеската  текстилна компанија Веибо во зоната во Ранковце планира да изгради повеќе фабрики. Обемот на производство би изнесувал над 180 милиони долари и повеќе од 5.500 работни места. Амфенол во Кочани работи во браунфилд капацитет и планира изградба на гринфилд капацитети се планираат 2.000 вработувања. Леар во Гостивар планира исто толку.

Според Ѓорѓиев најавени се нови странски инвестиции во услужните дејности, аутсорсингот, информатичко комуникациски фирми, но и инвестиции во рударството.

 

Дијана Ценевска