Поголема социјална помош и надоместок за деца со пречки во развојот

30.05.2015 17:07

Парични средства ќе има и за згрижувачките семејства за деца без родители, најави премиерот Никола Груевски...

Од јуни годинава за 10 отсто се зголемува износот на социјалната помош, а за 25 отсто надоместокот за родители на деца со пречки во развојот од материјално необезбедени семејства. Парични средства ќе има и за згрижувачките семејства за деца без родители, најави премиерот Никола Груевски.

„Во Програмата имавме ветено зголемување на социјалната парична помош од 5 отсто, но пред три месеци донесовме решение да се зголеми социјалната и парична помош за 10 отсто од јуни годинава, а корисниците да ги добијат средствата во јули, истакна премиерот Груевски. За 25 отсто ќе порасне надоместокот за згрижувачките семејства за деца без родители и за родители кои имаат деца со пречки во развојот од материјално необезбедени семејства. Нивното зголемување исто така ќе почне од јуни, а ќе биде исплатено на почетокот на јули“, рече премиерот Груевски во одговор на прашање по поставувањето камен-темелник на ТИРЗ „Делчево“.

Од 2006 година социјалната помош во просек е зголемена за 47 проценти, а постојаната парична помош за 46 отсто. Социјалната помош во 2006 изнесувала 2.900 денари, а за 1 месец ќе изнесува 4.700 денари. Постојаната парична помош во 2006 била 3.695 денари, а во јули ќе изнесува близу 6.000 денари.

 

Игор Панов