Сѐ повеќе македонски граѓани го осигуруваат животот
Надлежните очекуваат поголемо раздвижување, со влезот на банките како алтернативен канал на продажба на продукти за животно осигурување. Ќе се креираат заеднички понуди, банкарски и осигурителни- бенефит за корисникот...

Животно осигурување стана тренд во Македонија. Повеќе од 35 илјади корисници со над 22 насто повеќе полиси го офајдија бизнисот на осигурителните компании. Наместо во банка, со осигурување на животот, граѓаните штедат за идните генерации.
Над 14 милиони евра граѓаните уплатиле на свои сметки во осигурителните компании. Најпривлечни се минималните годишни премии кои може да се уплатуваат секој месец, а заштедите зголемени за остварената добивка се исплатуваат по истекот на договореното. Ако настане некој од ризиците што ги покрива, корисникот ја добива целата осигурена сума со пропишана добивка.
Во првата половина од годинава бруто полисираната премија достигна речиси четири милијарди денари, за 9,7 проценти повеќе од лани. Во секој бизнис има ризик, за секој ризик постои осигурување – убедуваат осигурителните компании. Најголем број клиенти имаат од средната класа.
Надлежните очекуваат поголемо раздвижување, со влезот на банките како алтернативен канал на продажба на продукти за животно осигурување. Ќе се креираат заеднички понуди, банкарски и осигурителни- бенефит за корисникот.
Сите осигурителни компании лани оствариле позитивни финансиски резултати. Годинава таргет им е приватното здравствено осигурување, осигурувањето на имотот и на земјоделските полиси.
Сузана Фиданска- Стоевска
