Заврши подводната мисија: Охридското езеро изобилува со извори и наколни населби

30.05.2015 16:58

Заврши нуркачката експедиција на охридскиот нуркач, Милутин Секулоски-Миќо, кој пренурка 80 километри долж крајбрежјето на Охридското Езеро. Во текот на овој единствен подвиг во светот нуркачот и неговите колеги открија праисториски наколни населби, подводни извори, разновиден растителен и животиски свет, како и бродчиња и англиски авион од Втората Светска војна...

Меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски-Миќо го заокружи подводниот маратон кој го започна на 28 февруари. Во изминатите три месеци тој пренурка 80 километри и 322 метри, на длабочина помеѓу пет и петнаесет метри,при што позиционира места кои ќе бидат од интерес за научната јавност и за подводните авантуристи. Покрај бродчиња од првата светска војна на струшкото крајбрежје, во текот на нуркањето беше откриен и авион во албанскиот дел од езерото.

„Можам да кажам дека повеќето од жителите во Албанија кажуваат дека тоа е германски авион,но напротив,не станува збор за германски туку за англиски авион.Значи по документирање на деловите од авионот видовме дека се работи за англиски авион,но сепак кога ќе погледнете под вода не гледате авион туку само делови од тој авион“, изјави Милутин Секулоски-Миќо-меѓународен нуркачки инструктор.

Нуркачката експедиција потврди дека кај местата Врбник кај Струга,На дол кај Трпејца и Буќезе во Албанија има праисториски наколни населби и голем број подводни извори.

„Кај Калишта,во близина на манастирот на длабочина од околу 5 до 8 метри има подводни извори,слични како оние кај Свети Наум.Значи има огромна количина на вода која извира и се доста интересни за разгледување“, вели Миќо.

Охридските нуркачи како и секогаш пред сеоната денеска го чистеа езерското дно од цврст отпад.

„Не може некој од Скопје да дојде да фрли килим или машина за перење пред куќа. Значи целиот отпад е од граѓаните на Охрид. Целта на оваа акција е да се поразмисли малку што да се прави со ова езеро кое треба да трае уште илјада години, милион години, да го оставиме на идните генерации“, изјави Горан Балев- нуркач.

Капачите на плажите ќе бидат сигурни рече Балев,бидеќи се исчистени острите предмети кои ги фрлаат несовесните граѓани и туристите.

 

Сашо Нелоски