Аналитичари: Легитимитетот се добива на избори
Можен ли е исчекор во разрешувањето на политичката криза во земјава на новата лидерска средба задутре? Освен претседателите на 4-те најголеми партии, на средбата ќе присуствува и еврокомесарот Хан. Засега власта и опозицијата се цврсто закопани во своите ровови...

Преговорите меѓу четирите политички партии влегуваат во чувствителна фаза, а се очекува на маса да паднат и конкретни предлози. На средбата ќе присуствува и еврокомесарот Хан. Иако нема официјални информации,најверојатно таа овојпат ќе се одржи во резиденцијата на еврокомесарот Аиво Орав и дека нема да присуствуваат тројцата европратеници Вајгл,Кукан и Ховит, кои беа дел од преговорите во Стразбур меѓу Груевски и Заев и претходно во Брисел меѓу делегациите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Според најавите, прво ќе се одржи директна средба на Груевски и на Заев во присуство на еврокомесарот Хан, а потоа и заедничка средба во присуство и на лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи. Премиерот Груевски очекува интензивирање на преговорите, додавајќи дека позициите на ВМРО-ДПМНЕ се јасни, влада може да состават само граѓаните на избори.
„Со внимание ги следам сите овие шпекулации кои ги продуцира СДСМ и медиумите блиски до нив и понекогаш се чудам на нивниот начин на пуштање шпекулации и создавање на нереални амбиции и нереални очекувања. СДСМ треба да научи дека министри и премиер ќе може да бира тогаш кога ќе победат на избори и кога ќе ја добијат поддршката од мнозинството граѓани на Република Македонија. Се дотогаш нема да имаат можност ниту за министри во владата, за ниту премиер затоа што ја немаат потребната доверба од мнозинството граѓани. Тоа е основната работа во една демократија“, изјави премиерот Груевски.
Деновиве експерти анализирајќи ги средбите во Клубот на пратениците излегоа со став дека политичарите имаа обврска да ги штитат државните и интересите на граѓаните и дека дијалогот треба да се води во институциите.
„Наметнување на дијалог кој има за цел да ги делегитимизира институциите на нашиот систем е некоректен пристап кој гледаме дека се наметнува еден подолг период од страна на опозицијата“, вели Тимчо Муцунски, докторант на Правниот факултет.
„Демократската политика, онаа која е запишана во Уставот и во сите современи теории за политиката, говорат дека легитимитетот власта го стекнува на избори, граѓаните го даваат својот суверенитет на избраните претставници, избраните претставници одлучуваат во името на граѓаните врз основа на однапред утврдена платформа или програма за која граѓаните го изгласале избраниот претставник“, објаснува универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска.
Според досега јавно презентираните ставови, премиерот Груевски е подготвен да разговара за многу прашања, но не и за оставка на кабинетот кој го предводи, особено по оставките на Јанкулоска,Јанакиески и Мијалков.
Милчо Велески
