Георгиевски: Јасно е кој прислушувал
ВМРО- Народна партија бара од Заев да ги објави сите прислушкувани телефонски разговори што се воделе од 2003-та година па наваму со нивниот претседател Љубчо Георгиевски. Посочија дека нивниот лидер поседувал материјали против СДСМ и Црвенковски што му ги доставувал Верушевски...

По најавите на Заев дека ќе објави прислушувани материјали за Љубчо Георгиевски, ВМРО-Народна , јавно ги повика челниците на СДСМ што поскоро тоа да го направат.Инсистираат да се објават буквално сите разговори на Георгиевски почнувајќи од 2003-та па досега,со кои било претставници од власта и да се објават датумите кога биле направени тие разговори. Посочија дека нивниот лидер поседувал материјали против СДСМ и Црвенковски што му ги доставувал Верушевски.
„Исто така сме спремни и со задоволство да ги прераскажеме содржините на голем број телефонски разговори помеѓу високи партиски функционери на СДСМ и новинари, кои Верушевски му ги пуштал на нашиот претседател да ги слуша изворно во неговиот стан во населба Аеродром. ВМРО – Народна партија длабоко е уверена дека Верушевски повеќе од 20 години прислушува луѓе од власта и од опозицијата и со тоа нивните судбини и професионални кариери ги ставал во заложништво на еден човек или потесна група на луѓе“, велат од партијата.
Според ова,за познавачите на состојбите се разоткрива дејствувањето на Верушевски, и како што ја нарекуваат, неговата агентурна мрежа, а во полза на опозицијата. Пред два месеца во интервју Георгиевски посочи кој стои зад прислушувањето.
„Јас сум 90 посто убеден, еве оставам 10 посто, дека оној дел во кој се министри и функционери на ВМРО е снимано од СДСМ. Цело време викам УДБА за да го заштитам СДСМ. Еве ви кажувам СДСМ снима, што сакате друго да ви кажам.Каква е конекцијата меѓу тие тројца, Верушевски, Костовски и Лазаревски со делови и структури на СДСМ, не можам до крај да ви кажам, но дел од раководството ја фаќа таа јадица“, изјави Љубчо Георгиевски, претседател на ВМРО – Народна партија.
Според ваквата изјава, очигледно е дека изминатите 16 години македонски политичари биле прислушувани. Актуелната влада го разоткри незаконското прислушкување. Очигледно е велат аналитичари,претходните не само што биле жртви,не презеле санкции, или пак така им одговарало. Конечно треба да и се стави крај на како што велат од ВМРО-Народна ваквата крајно недемократска пракса со која се повредуваат човековите права на граѓаните.
Наташа Гркова- Петрушевска
