ВМРО-НП: СДСМ да ги објави сите материјали

01.06.2015 17:14

СДСМ молчи откако викендов ВМРО-Народна ја повика опозициската партија да ги објави аудиоматеријалите од прислушувани разговори за нивниот лидер, Љубчо Георгиевски. Од ВМРО- Народна велат дека се убедени оти Верушевски повеќе од 20 години прислушува луѓе од власта и од опозицијата и со тоа нивните судбини и професионални кариери ги ставал во заложништво на еден човек или потесна група луѓе...

Молк од СДСМ откако ВМРО-Народна ја повика опозициската партија да ги објави аудио-материјалите од прислушувани разговори за нивниот лидер, Љубчо Георгиевски. Тие инсистираа да се објави сѐ, почнувајќи од 2003-та па досега, со кого разговарал Герогеисвки и на кои датуми. Од ВМРО- Народна рекоа дека нивниот лидер поседувал материјали за СДСМ и Црвенковски што му ги доставувал Верушевски.

„ВМРО-Народна партија е длабоко уверена дека Верушевски повеќе од 20 години прислушува луѓе од власта и од опозицијата и со тоа нивните судбини и професионални кариери ги ставал во заложништво на еден човек или потесна група на луѓе“, велат од партијата.

„Истата тројка која ја отвори аферата Големото уво, стои и зад овие прислушувања“, изјави Љубчо Георгиевски во телевизиско интервју.

„Јас сум 90 посто убеден, еве оставам 10 посто, дека оној дел во кој се министри и функционери на ВМРО е снимано од СДСМ. Цело време викам УДБА за да го заштитам СДСМ. Еве ви кажувам СДСМ снима, што сакате друго да ви кажам. Каква е конекцијата меѓу тие тројца, Верушевски, Костовски и Лазаревски со делови и структури на СДСМ, не можам до крај да ви кажам, но, дел од раководството ја фаќа таа јадица. Во која држава го има тоа? 90 посто сум убеден во приказната дека Верушевски, Костовски и Лазаревски се дел од структурите кои снимале по сопствен ќеф и волја. Кога е тој момент кога се поврзале со СДСМ не го знам и не ме интересира. Но, таа тројка е истата тројка која го отвори „Големото уво“. Мене не ми требаат дополнителни факти. И мене ми направија пуч тогаш. И тоа пред кризата во 2001 година. Тие се истите луѓе“, вели Георгиевски.

Дека прислушувањето кое го правел првоосомничениот во случајот „Пуч“, екс-разузнавачот Верушевски, неодамна напиша и новинарката Мирка Велинова во нејзина колумна. Таа тврди дека Верушевски ја повикал во својот стан и и пуштал снимени материјали од државниот врв.

„Ме повика кај него дома. Во домот во тој момент беа и жена му и помалиот син. Верушевски го отвори компјутерот и ми прикажа избор од снимки: како се прославува и што се говори по објавата на „Големата победа за Македонија“ во просториите на Бихаќка, ама и во домовите на некои високи македонски угледници и благонадежни државни функционери. Со свои очи видов и со свои уши слушнав извадоци од разговори на Бранко Црвенковски, Шеќеринска, Бучковски, Хари Костов и други угледници како ги озборуваат своите сопартијци што не се на забавата. Така, ексклузивно разбрав дека истовремено, а тајно им го ветувал местото министер за внатрешни работи и на Верушевски и на Костов“, пишува Велинова.

Во сведоштвото, Велинова пишува и дека Верушевски и кажал дека тајната полиција им ја наместила на Љупчо Георгиевски и на Љубе Бошковски аферата „Требош“.

 

Наташа Гркова- Петрушевска