Почнува екстерното тестирање

01.06.2015 17:24

Списоците со учениците кога и во колку часот ќе полагаат веќе се истакнати. Наставниците велат извежбан е целиот материјал, нема место за паника...

Учениците од основните и средните училишта се подготвени за утрешниот старт на екстерното тестирање. Ќе се полагаат два предмети. Испитот ќе содржи 30 прашања, со четири понудени одговори. Прашањата подолг период ги имаше на интернет.

„Подготвен сум за екстерното... Ги најдов на интернет, ги учев со родителите и на училиште со наставничката... Лесни се ако учиш“, велат дека од учениците.

Списоците со учениците кога и во колку часот ќе полагаат веќе се истакнати. Наставниците велат извежбан е целиот материјал, нема место за паника.

„Секогаш пред тест има позитивна трема, но нема потреба да се паничат учениците, прашањата се веќе поминати и извежбани“, изјави Емилија Наумовски - наставничка во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“.

Екстерното тестирање веќе е рутина- вели директорот на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“. Искуствата од претходните години се позитивни.

„Компјутерите ни се веќе подготвени во добра кондиција, имаме околу 120 единици расположливи за покагање, така што сосема сме подготвени“, изјави Сашо Јовановски, директор на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“.

Екстерното тестирање е задолжително. Оние ученици кои нема да го полагаат, нема да им биде издадено сведителство.

Од утре па до 10 јуни учениците од четврто одделение во основните училишта до трета година средно ќе бидат екстерно тестирани. Опфатени ќе бидат повеќе од 180 ученици.

 

Андријана Атанасовска