Груевски и Заев на средба со Хан во резиденцијата на Делегацијата на ЕУ

02.06.2015 10:11

Можно е Хан да присуствува и на лидерската средба, да ја пренесе важноста за побрзо решавање на политичката криза и потребата заеднички да се справат со клучните предизвици со кои се соочува земјата...

Комесарот за европска политика Јоханес Хан е во Скопје. Во тек е средбата со премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски и со претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Премиерот Груевски е придружуван од шефот на неговиот кабинет Мартин Протуѓер и министрите за надворешни работи и за здравство Никола Попоски и Никола Тодоров. Заев, пак, на средбата со Хан дојде со Радмила Шекеринска и Петре Шилегов.

Можно е Хан да присуствува и на лидерската средба, да ја пренесе важноста за побрзо решавање на политичката криза и потребата заеднички да се справат со клучните предизвици со кои се соочува земјата. 

„Комесарот на партиите ќе им ја потенцира итноста од изнаоѓање решение за надминување на моменталната криза што е можно поскоро и потребата да се решат клучните предизвици со кои што се соочува земјата“ - потврди вчера Маја Коцијанчич, порпаролката на комесарот за проширување и соседска политика.

Високи извори во Еврокомисијата велат дека за разлика од неговото прво пасивно посредување пред три недели во Стразбур, сега еврокомесарот се очекува да игра активна улога, да пристигне со документ – понуда за напредок на земјата во евроинтеграциите.