Маратонска средба на еврокомесарот Хан со лидерите на четирите најголеми партии
Во резиденцијата на евроамбадасорот Аиво Орав во Скопје, неколку часа траат средбите за надминување на политичката криза. Од утрината, кај еврокомесарот Хан беа Груевски и Заев, а потоа се приклучија Ахмети и Тачи. Попладнево, на состанокот дојде и американскиот амбасдор, Џес Бејли...

Повеќе од седум часа средба на евркомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, со лидерите на четирите политички партии во земјава. Во резиденцијата на евроамбасадорот Аиво Орав, тече средбата, но засега нема никакви информации за досегашниот тек на разговорите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски, се појави нешто пред 9 часот, придружуван од министрите за надворешни и здравство, Попоски и Тодоров. Заев, лидерот на СДСМ дојде околу 9 часот и 30 минути, придружуван од заменик- претседателот Шеќеринска, и портпаролот Шилегов.
Нема информации дали во меѓувреме еврокомесарот Хан имал одвоени средби со Груевски и со Заев.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на ДПА, Мендух Тачи, попладневно се појавија во резиденцијата на евроамбасадорот Орав и се приклучија на разговорите.
Нема инфорамации дали во тек е лидерска средба, или пак се водат одвоени разговори.
Извесно е дека еврокомесарот Хан овој пат доаѓа со одреден предлог- каков ќе биде тој не се навестува, но според некои објавени информации, Брисел овој пат навестува епилог за надминување на политичката криза. Наводно, во неможност за приближување на позициите за техничка, привремена, Хан понудил преку процесот на евроинтеграции да се отвори простор за решавање на сите проблематични прашања.
Она што секако е извесно е дека денешните преговори, треба појасно да покажат во кој правец ќе се бара решението за излез од политичката криза.
Засега и власта и опозицијата остануваат на веќе познатите ставови. СДСМ бара формирање на преодна влада, без Груевски, која би ги подготвила предвремените избори. Премиерот Груевски деновиве изјави дека СДСМ треба да сфати оти премиер и министри може да избира тогаш кога ќе победи на избори, бидејќи граѓаните даваат мандат кој ќе ја води државата. Рече дека засега не се размислува за предвремени избори.
Доказ за тоа дека оваа средба траеше нешто повеќе од очекуваното и предвидувањата, е тоа што претставниците од резиденцијата на ЕУ, организираа и освежување и закуска за новинарите.
Милчо Велески
