Седум нови авиолинии до европските метрополи- нови можности за туризам и бизнис
Седум нови авиолинии од Македонија до европските метрополи. Од овој месец се воспоставува директна врска со Барселона, Осло и уште три германски градови. Од Охрид ќе се лета за Базел и за Лондон. Ова за патниците ќе значи поедноставен транспорт, нови можности за туризам и бизнис, а за концесионерот зголемени приходи...

Двапати неделно од Скопје за Барселона, Осло и три конекции со Германија. Македонската метропола во јуни и јули добива нови авиоврски со европските градови. Од Охрид ќе се лета за Базел и за Лондон. Шест од евтините авиолинии се резултат на директните владини субвенции. Охрид-Лондон се субвенционира во соработка на општината и владата. Според владиниот портпарол, ова за патниците ќе значи поедноставен транспорт и нови можности за туризам и бизнис.
„Авиолинијата Охрид- Лондон, предвидува со самиот договор околу 25 илјади патници во рок од три години да слетаат од Лондон на охридскиот аеродром, а само во текот на ова лето околу 2.500 патници ќе слетаат во Охрид, што ќе придонесе за понатамошен пораст на туризмот во Република Македонија“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Нискотарифните компании го вратија интересот за летање. Статистиката на концесионерот со македонските аеродроми покажува дека од година на година се зголемува бројот на патници.
„За само пет години, зголемувањето претставува некаде 75%, што севкупно резултираше минатата година да имаме зголемување над милион патници“, изјави Зоран Крстевски, директор на ТАВ Македонија.
Првиот човек на „Виз ер“, Јозеф Варади за МРТ вели дека потенцијалот на македонскиот пазар е многу голем. Неговата компанија е субвенционирана од нашата земја со 5 милиони евра за да воведе нови дестинации по конкурентни цени. Во базата во Скопје оперира со три авиони.
„Македонскиот пазар е пазар што треба да биде стимулиран. За луѓето да патуваат со авион, потребно е трошоците да бидат колку што е можно пониски. Владата ни дава иницијална поддршка за градење на мрежата дестинации. Ова не е поддршка што ќе ни биде давана во континуитет, туку има за цел да го поделиме почетниот ризик“, изјави Јозеф Варади, главен извршен директор на „Виз ер“.
Досега директни авиолетови се воведени кон 18 европски градови. Евтините авиолетови го забрзаа и туристичкиот развој. Македонија станува атрактивна туристичка дестинација. Лани туризмот забележал раст од 4,8%, а земјава ја посетиле над 700 илјади гости од кои 425 илјади биле од странство. Се инкасираат и повеќе средства. Остварениот девизен прилив од 146 милиони долари во 2014-та претставува зголемување од 7,25 отсто во однос на претходната година. Туризмот во БДП учествува со околу 2,3%, а целта е до 2020 –та година да достигне 5 отсто.
Сунчица Николоска
